МИА Општински пул
- 10 јули 2025
Охрид – Едно лице го загуби животот, а има и повредени во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на магистралниот пат Охрид – Кичево, во близина на аеродромот во Охрид.
Според првичните информации, до несреќата дошло при судар на две патнички возила.
На местото на несреќата биле веднаш испратени екипи на Службата за итна медицинска помош, на Територијалната противпожарна единица од Охрид, како и на сообраќајната полиција.
Извршен е увид за утврдување на околностите што довеле до трагичниот настан.
Куманово - Изложба на уметничка фотографија од авторот Виктор Трајковски ќе биде отворена вечер со почеток во 20 часот, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, информираа од Националната установа. Изложбата е насловена „Street life“.
Трајковски повеќе од десет години е посветен на улична фотографија, истражувајќи го човечкото присуство, движењето и светлината во јавните простори. Учествувал на групни изложби организирани од фото-кино клубот „Козјак“ во Куманово и освоил бројни награди на меѓународни и национални фотографски изложби. Неговата главна инспирација е Алекс Веб, особено за неговата употреба на боја, композиција и слоевитост во уличната фотографија. Виктор продолжува да создава со длабока страст за секојдневниот живот и уметноста скриена во него. Активен член на Фото клуб Куманово. Изложбата ќе биде отворена до 24 јули, годинава.
Куманово - Тринаесет пожари имало на подрачјето на Куманово, соопшти вчера градоначалникот на Максим Димитриевски по одржувањето на седницата на Кризниот штаб. Тој информираше дека пожарите биле на различни локации во приградски населби и села. Како што информира, пожарите се ставени под контрола, а ангажирани биле 33 пожарникари со 11 возила.
Тој повика да се пријавуваат сомнителни движења на зачадени простори, укажувајќи дека пожарите се предизвикани „несвесно“ или „свесно“. Штабот донесе бројни заклучоци, ставена е целокупната механизација во јавните претпријатија, градежните машини, цистерни за вода.
- Не очекуваат слични температури, имаме дојави дека пожарите се случуваат од искрење на нисконапонски мрежи ќе разговараме со ЕВН, МЕПСО, повикувам на граѓанска солидарност да се спречат и да се помогне според сопствена иницијатива и можности, рече Димитриевски.
Според него, има резервни сили и дополнителен број пожарникари – доброволци што можат да се ангажираат. Градоначалникот кажа дека ќе помогнат и на други соседни општини.
Охрид – Охриѓанецот В.Б. (83) е жртвата во сообраќајната несреќа што вчера вечерта со случи на магистралниот пат Охрид – Кичево, во близина на охридскиот аеродром.
Според информациите од СВР – Охрид, синоќа во 20:40 часот полицијата била известена дека на магистралниот пат Охрид–Кичево кај селото Оровник се случила сообраќајна несреќа. Притоа се судриле два патнички моторни возила, „цитроен“ со охридски регистарски ознаки управувано од В.Б.(83) од Охрид и патничко возило „ауди“ со албански национални ознаки, управувано од А.М.(36) од с.Синичане, општина Боговиње.
На лице место починал возачот В.Б, а смртта ја констатирал лекар од Службата за итна медицинска помош. По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција.
Во несреќата со телесни повреди се здобиле возачот А.М. и неговиот сопатник Б.Б.(24) од Куманово, кои биле префрлени на третман во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид.
На местото на незгодата е извршен бил увид СВР – Охрид во присуство на јавен обвинител, што треба да ги утврди околностите под се случила несреќата.