МИА Општински пул
- 25 септември 2025
25 септември 2025
Кочани - Вo ЦК „Бели мугри“ во Кочани денеска ќе биде отворена изложба на дигитални динамични фотограми на Стојанче Величковски, хералдичар, изработувач на многу национални и локални симболи и обележја.
Отворањето на изложбата е закажано за 12.30 часот во Салон „Фоаје 2 “ во кочанската Национачна установа.
Изложбата на Стојанче Величковски е дел од проектот „Превземање изложби за 2025 година“ од Годишната програма на НУ ЦК „ Бели мугри“ Кочани, со финансиска подршка од Министерството за култура и туризам.
Куманово - Почна 28-тиот меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ во Куманово. Вчера свечено беше доделена наградата „Васил Иљоски“ на актерката Весна Петрушевска за нејзиниот особен придонес кон театарската уметност. Петрушевска пред кумановци кажа дека наградата по значење е трета во државата, особено што го носи името на Иљоски.
- Досега сум изиграла 76 улоги, човек. Многу се радувам на кумановската публика, која може да биде многу строга и затоа им посакувам среќа на сите колеги, рече Петрушевска која наградата ѝ ја посвети на нејзината мајка.
Фестивалот го отвори кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски кој рече дека интересот на граѓаните за фестивалот само покажува колку кумановци сакаат театар кој тековно се реконструира.
Охрид – Екипа на Планинската спасителна служба со седиште во Охрид изврши евакуација на параглајдерист од Германија кој од неутврдени причини паднал од поголема височина на исклучително непристапен и карпест терен на падините на планината Галичица.
Како што соопштуваат од Службата, тие попладнето околу 18:30 часот примиле повик од група параглајдеристи кои ги информирале за незгодата и побарале помош.
Во тој момент тројца спасители на ПСС се наоѓале во планинарската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на Службата, со специјализирана техничка опрема за интервенции во таков регион.
Веднаш по дојавата, екипата за само 15 минути стигнала до местото на несреќата, извршила имобилизација на повредениот, по што отпочнал комплексен транспорт на повредениот по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност било што активностите се одвивале во ноќни услови.
Куманово - Во тек е проектот „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во кумановско“ на археолозите од НУ Музеј Куманово, информираа денеска надлежните. Годинешниве истражувања веќе се во тек, и с еочекува да завршат до 10-ти октомври, годинава.
Сегашната теренска евиденција, како што објаснува археологот Мирослав Петковски е насочена кон места, села и локации, кои гравитираат условно речено во централниот, делумно во западниот како и во југозападниот дел од кумановската област, како Лопате, Љубодраг, Романовце, Доброшане, Шупли Камен...
Проектот „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во Кумановско“, првично започнаа во 2018 г., како проект под наслов „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во Кумановско по долината на реката Пчиња и нејзината околина“. Тогаш беа истражувани територии во рамките на Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане, но главно врзани за реката Пчиња и некои од нејзините притоки. По одредена пауза, во 2023 г. проектот продолжи во истата насока, со тоа што насловот беше модификуван „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во Кумановско“.
Скопје - Од денеска до недела на улица „Македонија“ во центарот на Скопје ќе се одржува 21. манифестација „Денови на македонскиот мед“.
Организатор на манифестацијата е Пчеларското здружение „Матица“ - Скопје. Посетителите ќе можат да купат различни видови мед од цела Македонија и останати пчелни производи.
Повелете дојдете и одберете го својот пчелар и својот мед, наведуваат од Пчеларското здружение „Матица“ - Скопје.
Скопје - Вработените од јавното претпријатие „Паркови и зеленило-Скопје“, како и од неговите фирми „Флораком“ и „Луна“ денеска организираа протест пред претпријатието и пред бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска. Тие бараат да им се исплати платата за месец август, регресот и јубилејната награда за 2022 година и новогодишните награди.
- Се собравме пред Собранието на Град Скопје, за да изразиме револт поради недобивањето плата за „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“. Имено, и покрај тоа што потпишавме спогодба и колективен договор на ниво на работодавач се уште не се исплатени не само платата за месец август, туку и регресот за 2022 година, јубилејната награда од 2022 година наваму и новогодишните награди. Беше договорено тоа да биде сукцесивно, значи роковите одамна поминаа. Сега има и застарување на побарувањата. Откако дојдовме како синдикат во „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“, вработените почнаа редовно да ги земаат платите, доцнеа со три, четири месеци. Во континуирана комуникација со сегашното раководство на „Паркови и зеленило“, сепак успеавме да ги доближиме разликите меѓу платите наназад, но сега немаат земено плата за август, а набрзо ќе немаат и здравствено осигурување, изјави пред просториите на Град Скопје, претседатедателот на независниот синдикат на државната администрација, Горан Ристески.
Посочи дека бараат Град Скопје да обезбеди парични средства за услугите кои ги вршат ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“, односно средства за плата и друг додатоци на плата, како и регрес, јубилејна награда и новогодишен додаток.
Велес - Велешанецот Марин Нацев е единствениот велешанец кој го достигна јубилејот на 100 дарувања на крв во 2024 година и е добитник на признанието - Благодарница од Општинската организација на Црвен Крст Велес.
Нацев годинава, кога навршува 65 години, дарил крв уште еднаш и има поставено цел да ја заокружи својата хумана животна мисија со уште четири крводарувања за да ги достигне планираните 105 крводарувања. Признанието му беше врачено на синоќешната свеченост на Општинската организација на Црен крст Велес, по повод Неделата на хуманите вредности.
За јубилејни 75 пати дарувана крв, во минатата година признанија добија уште тројца велешани Костадин Саздов, Драгомир Лазаревиќ и Зоран Крстевски.
Признанијата за јубилејни 50 пати дарувана крв ги добија 18 крводарители: Орце Цветков, Марјанчо Малинов, Благородна Наумовска, Љупчо Станоев, Мартин Арсовски, Борче Димовски, Цветан Станчевски, Александар Јамалов, Кирил Лазов, Благој Темелков, Јонче Наков, Роберт Јовчевски, Мила Ѓорѓевиќ, Драганчо Момировски, Пане Игневски, Марјан Китанов и Крумче Стефановски.
Признание за унапредување и омасовување на крводарителството со што дадоа значаен придонес во исполнување на локалниот и републичкиот план за крводарителство во 2024 година благодарници од Општинскиот Црвен крст добија: Мото клуб „Носачи на крстот“, Основна организација на Црвен крст Градско и Народен Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Тетово - Општина Тетово денескa промовираше апликација за мобилен телефон наречена Те Клик која граѓаните ќе може да ја користат во иднина за плаќање на зонско паркирање и данок на имот.
Пред Инфо центарот на Општина Тетово беше извршена промоција на можностите на оваа апликација за новинарите.
-Апликацијата за паркирање нуди можност на граѓаните да можат да видат дали има слободни паркинг места во одредени зони или не. Исто така, ќе можат да проверат потенцијални места за колку време ќе бидат слободни, прикажувајќи ги минутите или времето одредено за тоа паркинг место, да биде ослободено. Секој граѓанин, преку апликацијата, со означување на регистарските таблички на одреден автомобилот, ќе може да види дали за него е наплатено паркирањето или не. Со ова, ние сме првата општина што го воведе овој тренд на транспарентност, беше посочено на промоцијата.
Општина Тетово има предвидено во иднина да почне да функционира и плаќањето преку оваа апликација за автобуски билет, влез во Националниот парк Шар Планина, сметка за вода, користење на електричен тротинет. Воедно ќе може да се врши пријавување настани и состојбите до општинските служби како и да се следи календар со настани.
Кавадарци - Со голем проект преку Јавното претпријатие за државни патишта, се реконструира патот од Мушов гроб кон село Конопиште, што треба да не однесе до нов граничен премин со Грција, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на општина Кавадарци Тој при тоа најави дека се планира градот со една отсечка да биде поврзан и со брзата пруга на Коридорот 10.
- Јас пред неколку часа се вратив од Атина и една од темите што ги имавме таму, беше отварање на нов граничен премин и имам една заложба дека тоа ќе се случи. Таму исто така ја потврдивме и заложбата за изградба на брза пруга по коридорот 10, затоа што таа ќе има смисла, само доколку е за сите држави. Од Атина до Солун е веќе изградена, треба да се гради од Солун нагоре кон Гевгелија. И можам да најавам дека планираме да има една отсечка, што Кавадарци ќе го поврзува на брзата пруга, со патнички и товарен сообраќај, истакна Николоски.
Тој се осврна и на други нови проекти, како обиколницата на градот, што се проектирала и ќе била реализирана, како и поврзувањето помеѓу Кавадарци и Неготино преку селото Дисан. Се разговарало и за реконструкција на спортската сала во Кавадарци.
Николоски изрази задоволство од посетата, во рамки на која можеле да се видат бројни реализирани проекти, нагласувајќи притоа дека Кавадарци е шампион во реализација на проекти.
Струмица - СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.Ц.(41) од Струмица, поранешен директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица, В.М.(36) од Струмица, поранешен вршител на должноста директор во установата и В.Т.(42) од Струмица, заповедник на затворска полиција во овој затвор заради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување'’ по член 353 став 1, во врска со член 45 од Кривичниот законик, соопштија денеска од МВР.
Според соопштението, пријавениот Б.Ц., извршувајќи ја функцијата директор на установата, и пријавениот В.М., извршувајќи ја функцијата вршител на должноста директор на установата, злоупотребувајќи ја и искористувајќи ја својата службена положба, во повеќе наврати постапиле спротивно на член 70 од Правилникот за куќен ред за осудените лица кои издржуваат казна затор во казнено-поправната установа, односно издале решенија за одредени осудени лица да користат определени погодности, без да биде спроведена постапка која според правилникот треба да се спроведе пред издавање на такви решенија.
-На ваков начин, Б.Ц. во три случаи на едно лице му овозможил краткотраен излез од установата. Пријавениот В.М., во 32 наврати на седум лица им овозможил краткотраен излез од установата, а во два наврати на две осудени лица им овозможил користење на годишен одмор без да ги исполнуваат пропишаните услови. Исто така, В.М. на четири лица им овозможил распоредување од полуотворено во отворено одделение во установата и покрај тоа што не ги исполнувале условите, се наведува во соопштението.
Битола - Во Битола, токму тука разговаравме со колегите за тоа колку дициплинирани не држеше снимањето на филмска лента, истакна лауреатот Воли Фистер, годинешен добитник на наградата Специјална Камера „300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Во изјава за медиумите, американскиот оскаровец Фистер нагласи дека за него многу е убаво кога се гледа филм снимен на филмска лента во кино сала.
-Токму овде во Битола разговаравме со некои колеги за тоа колку дициплинирани не држеше снимањето на филмска лента. Тогаш имаме строг, цврст распоред за тоа како ќе работиме. Имавме негатив кој требаше да се развие во лабораторија, така што целиот процес на снимање поради тоа беше многу постегнат и подисциплиниран. Сметам дека многу е убаво што снимањето на филмска лента се одржува во живот и многу е убаво кога се гледа филм снимен на филмска лента во кино сала, нагласи Фистер.
Според Фистер, разочарувачко и загрижувачко е што повеќе нема каде да се прикажуваат филмови снимени на филмска лента.
-Уште поголем проблем е исчезнувањето на кино салите, се помалку луѓе одат во кино да гледаат филмови, а треба да се задржи публиката зошто тогаш има колективна енергија и тоа е нешто неповторливо. Можеби би требало филмовите прво да се прикажуваат во кино салите па потоа на платформите е начинот да се задржат кино салите и публиката, посочи Фистер.