МИА Општински пул
- 10 јули 2025
Скопје - По серијата пожари што вчера зафатија неколку локации на територијата на Општина Ѓорче Петров, утрово се одржа состанок на Општинскиот кризен штаб на кој беа разгледани настаните, утврдени предизвиците на терен и беа донесени конкретни заклучоци за унапредување на координацијата и реакцијата при идни интервенции, информираат од Општината.
Во услови на силен ветер и отежнати временски услови, благодарение на навремената интервенција и целосната ангажираност на сите служби, нагласуваат од Општина Ѓорче Петров, пожарите беа локализирани без човечки жртви и со минимални материјални штети.
-Во текот на целиот ден бев на терен и лично сведочев на пожртвуваноста и организираноста на сите служби, како и на храброста и солидарноста на нашите сограѓани. Ѓорче покажа дека знае да се справи кога е најтешко. Сите заедно, како едно, вели градоначалникот Александар Стојкоски.
Охрид – Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска престојуваше во работна посета на Општина Охрид, каде оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков и со членовите на Советот на Општината.
Рокас пред медиумите по средбата рече дека со Пецаков разговарал за проектите што заеднички ги реализираат Општината и ЕУ, изразувајќи задоволство од начинот на нивната имплементација и добрата соработка со локалната власт.
- Разговаравме и за предизвиците со кои се соочува Општината, како и прашањето за УНЕСКО, но и за големите инфраструктурни проекти како „Коридорот 8“, мнногуте проекти што се реализираат на терен. Разговаравме и за плановите во Општината за изградба на паркинзи, за зелени површини, управувањето со цврстиот отпад и третманот на отпадните води...Во тек се многу активности, разговаравме и за некои предизвици од глобален карактер. Она што сакам да го кажам е дека Охрид е скапоцен камен, а сите чинители, сите градоначалници на општините кои гравитираат во регионот и двете земји треба да работаат заедно за подобар статус на Охридскиот регион во иднина, рече Рокас.
Градоначалникот Пецаков од своја страна рече дека на средбата ги презентирал проектите реализирани изминатиот период, за предизвиците со кои се соочува општината, планираните проекти за Охрид и визијата за Охрид во иднината.
Куманово - Телото на починатото лице пронајдено во близина на пожар во село Лозаново е предадено за обдукција, соопшти денеска СВР Куманово. Оттаму информираат дека полициските службеници го пронашле починатото лице е вчера, а бил извршен увид и од јавен обвините.
Полицијата информираше и за две пријави за пожари во кумановско, во село Четирце кој настанал во 14.49 часот, при што биле зафатени стрништа, необработени ниви, поголема површина со лозови насади, како и кровна конструкција на куќа сопственост на Ц.Д. и помошни простории, сопственост на М.Д. и Н.П., како и една напуштена куќа. Во пожарот нема повредени, го изгасила ТППЕ Куманово, увид извршила полицијата.
За вториот пожар во населбата „Перо Чичо“ во Куманово, полицијата била информирана во 15. 18 часот. Таму настанал пожар во помошна просторија, сопственост на Д.С., кој вдишал дим, по што бил пренесен во општа болница Куманово.
Дебар – Во првата поливина од годинава зголемена фрекфенција е регистрирана на граничниот премин Џепиште – Требиште, на македонско – албанската граница, кај Дебар, кој е втор премин на овој дел од границата, покрај ГП „Блато“.
-На овој премин, кој е од регионален карактер, во периодот јануари - јуни годинава регистриран е вкупен проток на патници од 22.919 што е за околу 5 отсто повеќе споредно со истиот период минатата година, кога преку преминот минале 21.771 патници. Тоа значи дека ова е највисока фрекфенција до сега, информираа за МИА, од македонското МВР.
Од вкупниот број, македонски државјани кои оствариле влез/излез се 1.514 наспроти 1.227 истиот период минатата година, дедека албански државјани вкупно 21.405 наспроти 20.514 во споредбениот период лани.
Охрид – Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз на денешната расправа донесе одлука да се одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност.
Охрид и државата добија уште една година да исполнат низа задолженија и да постапат по препораките нотирани во претходните извештаи на Реактивните мониторинг мисии, за што ќе треба до УНЕСКО да достават извештај до 1 февруари наредната година.
Претходно Владата ги задолжи сите членови на македонската делегација во Париз заеднички да поднесат амандман за повлекување на Нацрт-одлуката на Комитетот, со која се предлагаше регионот да биде ставен на листата на загрозени богатства.
Инаку, во нацрт-одлуката за стасусот на Охридскиот регион беа посочени забелешките наведени во реактивната мониторинг мисија од минатата година, во која се потврдени наодите од претходните мисии, со заклучок дека кумулативните и тековните влијанија – вклучувајќи го тука урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти – предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заптитеното подрачје, што довело до неповратна деградација.
Tетово - Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, заедно со вршителот на должност директор на Јавната установа Национален парк Шар Планина Евзал Елмази, денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел зајакнување на меѓуинституционалното партнерство во насока на промоција на планинскиот туризам, заштита на животната средина и превенција од пожари во подрачјето на Шар Планина.
Договорената соработка подразбира реализација на заеднички проекти и координирани активности, со што Шар Планина ќе се третира не само како еколошко богатство, туку и како економски потенцијал што придонесува кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
- За прв пат се воспоставува институционална соработка меѓу две важни институции за менаџирање со убавините кои се на Шара, исто времено на територија на Општина Тетово и на територија на Националниот парк. Се работи за заемен интерес на двете институции и во делот во менаџирање со отпадот кој се создава во населените места кои се во рамките и во територијата на Националниот парк како и промовирање на овие убавини пред туристите кои го посетуваат овој парк. Не чекаат сериозни проекти во делот на имплементација на заложби од овој меморандум за соработка, најави Касами.
Според в.д директорот овој меморандум претставува конкретна обврска за одржлив развој и одговорно управување со природните ресурси на подрачјето.
Дебар – Деветнаесетгодишно момче од дебарското село Бањиште е лишено од слобода, откако при контрола кај него биле пронајдени две кесиња со хашиш.
- По претходно преземени оперативни мерки и активности, полициски службеници на патот кој води од Дебар кон Маврово, на излезот од градот, околу 12 часот сопрен е А.К. (19) од село Бањиште-Дебар, кој управувал електричен тротинет. При извршениот преглед кај него пронајдени се две кесиња со хашиш, информираа од полицијата.
Додаваат дека лицето е лишено од слобода и по целокупно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Oва е прв случај на откриен хашиш кај дебранец, наспроти повеќето случаи со марихуана, главно на патот кој минува покрај Дебарско Езеро.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува сите заинтересирани да се пријават на јавниот повик за реализација на проектот „Тематски организирани прошетки со граѓаните за поблиско запознавање со културните обележја на Општина Центар“.
Во рамки на проектот, на различни локации ќе се организираат прошетки, водени од стручни водичи, кустоси и историчари на уметноста, со цел промоција на уметничките, архитектонски, историски и другите културни обележја во Општина Центар.
-Честопати не сме свесни за богатата историја и традиција на Центар, но секое ќоше и улица имаат што да раскажат. Граѓаните ќе имаат можност преку стручни водичи да ги слушнат приказните и тајните на маалата. Верувам дека со оваа иницијатива ќе ги едуцираме и ќе ја подигнеме свеста за автентичноста и културниот идентитет на нашата општина“, посочува Герасимовски.
Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска ги потпиша договорите со Министерството за транспорт, за реализација на вкупно 21 инфраструктурен проект на територијата на општината, со вкупна вредност од над 280.000.000 денари.
Со овие проекти, во наредниот период ќе се реконструираат и асфалтираат улици во вкупна должина од над 20 километри, опфаќајќи вкупно околу 90 улици и краци низ сите населени места во општината.
Инвестициите, како што информираат од Општината, ќе се реализираат во Волково, Орман, Кисела Јабука, Кучково, Стопански Двор и Ново Село, а предвидено е уредување на локални улици и краци, пристапни патишта, поставување на ново улично осветлување, како и изградба на нова јавна површина со модерен плоштад и урбана опрема.
Струга - Предизвиците со кои се соочува Струга во текот на летната туристичка сезона биле главна тема на денешниот координативен состанок на градоначалникот Рамис Мерко со претставници на сите реевантни институции во градот.
На состанокот, како што соопшти Општина Струга, се дискутирало за питачите на градските улици, бездомните кучиња, опасноста од пожари на отворен простор, управувањето со паркинзите, како и функционирањето и одржувањето на јавното улично осветлување.
- Учесниците ја истакнаа својата подготвеност за меѓусебна соработка и преземање конкретни мерки за решавање на овие проблематики, со цел одржување на јавниот ред, безбедноста и благосостојбата на граѓаните и посетителите во Струга. Упатен е апел до граѓаните да бидат внимателни и да соработуваа: да избегнуваат палење огнови во природа, да го пријават секое сомнително или опасно однесување, како и да ги почитуваат правилата за паркирање и јавниот ред, стои во информацијата.
Ги охрабруваат граѓаните веднаш да пријават секаков проблем поврзан со јавното осветлување, со цел да се обезбеди побезбедна околина во ноќните часови.