• понеделник, 09 март 2026

МИА на Кипар: Никозија полна со туристи, меѓу нив и македонски 

МИА на Кипар: Никозија полна со туристи, меѓу нив и македонски 

Никозија, 9 март 2026 (МИА)

Сања РИСТОВСКА – Кипар

-Нивото на безбедност во Кипар е подигнато на високо ниво по нападот врз британските воени бази минатата седмица, од оперативен аспект, кипарската Влада ги презема сите неопходни мерки, пред сè на превентивно ниво и во однос на информирањето на населението, но целата ситуација се чини дека не ги плаши туристите.

Прошетка низ главниот град Никозија и на туристичките локации е уште еден доказ дека Кипар останува туристичка дестинација и покрај тоа што некои од авиокомпаниите привремено ги откажаа летовите кон островот, а откажувањата на резервациите во хотелите, засега се минимални.

Дописничката на МИА ја посети единствената поделена престолнина во Европа, што овие денови е полна со туристи, од различни земји, меѓу кои и од нашата.

Сретнавме Британци, Шпанци, Италијанци, но и две госпоѓи од Кочани. Сите велат дека актуелната ситуација не ги премислила и не го откажале однапред планираното патување на островот, иако посочуваат дека нивни пријатели, решиле да ги откажат аранжманите.

Никозија е на нешто повеќе од 100 километри од британските воени бази во Акротири каде што минатата седмица имаше напад со беспилотно летало, а исто како и во градот Лимасол што е во непосредна близина, така и во главниот град, животот се одвива нормално и безбедно, без страв, а малата загриженост што можеби постоеше на почетокот, сега, како поминуваат деновите се чини дека целосно исчезнува.

Сè во градот функционира нормално, од државни служби, јавен и такси превоз, па сè до хотели, ресторани и кафулиња, додека пак при прошетката воопшти не се чувствува ниту тензија, ниту некаква, каква било опасност.

Ова чувство го потврдуваат и жителите на градот, но и туристите.

Туристките од Кочани, како што раскажаа за МИА, првично планирале на Кипар да патуваат заедно со неколку пријателки, меѓутоа, поради ситуацијата, дел од нив откажале. 

-Бевме така малку со резерва за доаѓањето, но сепак решивме да дојдеме. Сепак ризик има и тука и во Македонија. Требаше да дојдеме повеќе, но дојдовме само две, другите останаа во Македонија. Плус имаше и други преку агенции кои ги откажаа аранжманите поради ситуацијата, велат во разговор со дописничката на МИА.

Додаваат дека донеле правилна одлука, не чувствуваат никаква опасност и уживаат во убавините на островот.

Девојка од Барселона, исто така туристка, патува сама и посочува дека воопшто не ни размислувала за откажување, објаснува дека не е воопшто загрижена за нејзината безбедност од геополитички аспект, а единствено прашува за начинот на кој се поминува од грчкиот во турскиот дел, дали е безбедно за девојка која е сама и дали се плаќа нешто при влезот.

Жителите на Никозија уште поопуштени во споредба со оние од Лимасол

За време на патувањето на Кипар, МИА ги посети Лимасол – градот во непосредна близина на британските воени бази и втор по големина во земјата, како и Никозија – главниот град, а жители и од двете места, во никој случај не изразија некој голем страв или сериозна загриженост за ситуацијата.

- Ситуацијата овде воопшто не е како што ја прикажуваат во странство, коментира жител на Никозија.

Главниот град, со оглед на тоа што е подалеку од воените бази што беа мета на напад, си продолжува со секојдневниот ритам.

- Сè си се одвива нормално, како да не се случува ништо. Не знам ова дали е добро или не, во смисла на тоа дека навистина има војна во наша непосредна близина, а под закана се и британските бази во нашата земја. Се надевам дека нема да има последици тоа што целата ситуација не ја сфаќаме толку сериозно, коментира млада Кипранка за МИА.

Во турскиот дел на Никозија, оној што грчките Кипрани го нарекуваат „окупиран“, се стигнува пеш преку граничниот премин на крајот од централната улица Ледра и откако ќе се поминат двете пасошки контроли – кипарската и на непризнаената Турска Република Северен Кипар, што се разделени со тампон зоната.

Од другата страна, мнозинството од туристите се од Турција, кои го посетуваат исклучиво тој дел од градот и пристигнуваат или со директен лет од Турција или со траект, но сепак не е мал бројот на посетители кои пеш ја преминале границата и се дојдени на неколку часа во турскиот дел.

И со Македонките се сретнавме токму во тој дел кусо пред да се вратат на територијата на Република Кипар.

Жителите на овој дел од градот, кипарските Турци, не сакаат многу да ја коментираат ситуацијата, велат дека можеби постои доза на страв кај нив, но не знаат што би се случило во случај да се влоши состојбата.

Минимални откажувања во хотелите, но постои оптимизам за сезоната

Веднаш по нападот врз воените бази во Акротири, неколку авиокомпании привремено ги откажаа летовите од и кон аеродромот во Ларнака, нешто што сега веќе се нормализира, а заменик-министерот за туризам на Кипар, Костас Кумис, за кипарската новинска агенција ЦНА посочи дека „враќањето на летовите три-четири дена подоцна претставува глас на доверба кон Република Кипар, но и кон туристичката дестинација Кипар.“

Во хотелите на островот има откажувања на резервациите, што според хотелиерите со кои поразговара МИА се нешто помалку од десет отсто, но велат дека сè додека трае актуелната ситуација, тие се во неизвесност, со оглед на тоа што сега почнува сезоната.

- Сето ова да се случеше на пример во мај ќе беше поинаку, бидејќи веќе ќе имавме некаков профит од март и април, вака сега, на почеток на сезоната постои целосна неизвесност, вели вработен во хотел во Лимасол.

Во хотел во Никозија во период од само неколку дена биле откажани резервации на околу 30 соби.

- Некои веднаш откажуваат, но не е мал бројот на оние кои ни се јавуваат и нè прашуваат што се случува, каква е ситауцијата и дали е безбедно да дојдат, посочува вработен во хотел.

За откажувањата на резервациите за Кипар, заменик-министерот за туризам за ЦНА објасни дека навистина се постојат, но откажувањата кои главно се однесуваат на овој период.

- Луѓето низ целиот свет се вознемирени и ова веќе е факт. Во исто време, за жал се бележи и забавување на резервациите. Сепак, од друга страна, морам да споменам дека ниедна авиокомпанија и ниеден тур-оператор не размислува да ги намали своите програми кон нашата земја за претстојното лето и за наредните месеци, покажувајќи доверба и кон Република Кипар и кон нашата земја како туристичка дестинација, нагласи надлежниот министер.

Можеби впечатокот е дека ситуацијата во Република Кипар е тензична, но во градот Лимасол, во непосредна близина на британските воени бази, каде што ноќта меѓу неделата и понеделникот, беше из

Според официјалните податоци од кипарската служба за статистика, минатата година Република Кипар ја посетиле 4.534.073 туристи, односно за пола милион повеќе споредбено со истиот период во 2024 година. ср/дј

Фото: МИА

Остани поврзан