• петок, 22 ноември 2024

МИА анализа: Психолошките последици од онлајн сексистичкиот говор на омраза драматични, недоречености во неговото правно регулирање

МИА анализа: Психолошките последици од онлајн сексистичкиот говор на омраза драматични, недоречености во неговото правно регулирање

Скопје, 20 август 2023 (МИА) - Сексизмот е распространет во сите сфери на општеството, па така и во онлајн-просторот, а еден од облиците на манифестирање говор на омраза се сексистичките коментари и навреди. Интернетот овозможува нова димензија на изразување и пренесување на сексизмот, особено на сексистичкиот говор на омраза кон пошироката публика. Тоа е секојдневен феномен, особено за многу жени и девојчиња, којшто допрва почнува да се решава.

Меѓутоа, коренот на сексизмот не лежи во технологијата, туку во трајните полови нерамноправности. Одделни случаи на сексизам може да се чинат и безопасни, но создаваат атмосфера на заплашување, страв и несигурност, што за последица го има прифаќањето на насилството, главно врз жени и девојчиња. 

МИА разговараше со експерти кои се согласни дека родово-базираниот говор на омраза на социјалните медиуми може да има долготрајни последици врз развојот на младата личност, која е во процес на самоидентификација и формирање на своето самовреднување. Оттука тие можат да се соочат со депресија, ранливост и намалување на мотивацијата.

Таквите вознемирувања во интернет просторот, велат тие, не влијаат само на нивното достинството, туку можат и да ги спречат да го изразат своето мислење, што резултира со нивно оттуѓување од социјалната средина и изостанување од онлајн-просторот. На тој начин се поткопува и правото на слобода на говорот и мислењето во демократското општество. 

Експертите со кои МИА разговараше се согласни и дека вербализацијата на насилството, вознемирувањето и говорот на омраза на социјалните медиуми само ги зајакнуваат родовите стереотипи, при што социјалните медиуми често се користат како канал за потврдување и ширење на постоечки родови стереотипи.

Тие се децидни дека овие содржини дефинитивно можат да доведат до ширење невистини поврзани со родовите и често социјалните медиуми се користат за ширење митови, непроверени информации и предрасуди за родовите групи, посебно за жените и девојчињата, што може да создаде негативни влијанија врз нивната благосостојба.

Според последното истражување на Институтот за комуникациски студии, социјалните медиуми на различни начини создаваат притисок и кај девојчињата и кај момчињата при што изложеноста на онлај-вознемирувањето има непропопорционален ефект врз онлајн-активноста на младите девојки, каде што родовите норми се засилени. Се проценува дека една од десет жени постари од 15 години доживува онлајн-насилство. 

Во рамки на истражувањето на ИКС, беа обработени две студии на случај во чија основа се злонамерни содржини насочени кон млади девојки. И покрај тоа што и во двете студии станува збор за случај на исчезнати девојчиња, сепак појдовната точка во изборот на случаите на анализата не беше заднината на случајот, туку содржината на коментарите што ги предизвикаа на социјалните медиуми. Првата студија на ИКС опфати анализа на случај на две исчезнати малолетни девојчиња во скопската населба Чаир, додека втората студија се однесува на две исчезнати девојчиња во скопската населба Центар.

Психолошките последици од сексистичкиот говор на омраза на социјални медиуми драматични – пад на самодоверба, чувство на срам, оттуѓување

За психолошките аспекти за сексистичкиот говор на омраза на социјалните медиуми кон млади девојки, МИА разговараше со проф. др. Софија Георгиевска, психолог и системски семеен психотерапевт, од Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет при УКИМ. Таа нагласува дека промовирањето безбедна и позитивна дигитална култура е клучно за заштита на емоционалното и психолошкото здравје на младите лица, обезбедувајќи им потребни стратегии за носење со негативните последици на навредливите содржини.

-Изложувањето на непристојни коментари, непријатни слики и понижувачки пораки може да излезе од рамките на онлајн просторот и да предизвика нарушување на емоционалната состојба. Психолошките последици се недвосмислено драматични. Младите личности, кои се во процес на самоидентификација и формирање на своето самовредување, може да се почувствуваат безвредни и незначајни поради навредливите содржини кои ги среќаваат. Тие може да ги соочат со депресија, ранливост и намалување на мотивацијата, што директно влијае на нивните емоционални и когнитивни способности, оценува Георгиевска.

Таа посочува дека социјалните последици се исто така значајни, при што, вели, младите личности кои стануваат жртви на навредливи содржини може да почувствуваат дека не припаѓаат во една средина и да се оттргнат од социјални активности, што може да доведе до губење на довербата во врсниците и градење на физички и емотивни бариери, што може да ги изолира од здравите социјални интеракции кои се критични за нивниот развој.

-Во училишната средина, навредливите содржини може да имаат непосредни последици на постигнувањата. Младите личности може да ги загубат фокусот и вниманието, што може да се одрази на нивните образовни успеси. Недостигот на концентрација и мотивација може да ги спречи да го исполнат својот потенцијал и да го развијат своето знаење и креативност, вели таа.

Нагласува и дека физичките реакции на оваа појава не смеат да се занемаруваат, при што изложувањето на навредливи содржини може да предизвика физички реакции како главоболка, стомачни болки и проблеми со сонот.

-За да се намали влијанието на навредливите содржини, секако е потребно да изградиме свест околу безбедната употреба на интернет и дигиталните медиуми. Отворени разговори со младите личности и активно образование за безбедноста може да им помогнат да развијат усвоени и здрави стратегии за носење со овие предизвици. Преку поддршка и позитивни интеракции, можеме да ги охрабриме да се чувствуваат компетентни и важни, и да им помогнеме да ги надминат и ограничат негативните влијанија од навредливите содржини врз нивниот живот, оценува Георгиевска.

Георгиевска посочува резултати од неколку студии, според кои, долготрајните емотивни последици од онлајн-вознемирувањето може да вклучуваат депресија, вознемиреност и срам. Истражување објавено во „Journal of Youth Studies“ открива дека 41 проценти од младите девојки кои искусиле онлајн сексизам кажале дека се чувствуваат депресивни.

Намалената самодоверба е уште една негативна последица. Според истражување од Ditch the Label, 52 проценти од жените кои искусиле онлајн сексизам чувствуваат намалена самодоверба, што може да почнат да се сомневаат во своите способности и вредности.

-Социјалните последици може да влијаат на интерперсоналните односи. Девојките може да изгубат доверба во врсниците и да се оддалечат од нив, што може да доведе до губење на важни врски. Од друга страна, сексистичките коментари може да ги влијаат и на сексуалниот и родовиот идентитет на девојките. Истражување објавено во „Psychology of Women Quarterly“ покажува дека навредливите онлајн коментари може да имаат долготрајни влијанија врз самоидентификацијата на жените и врската со нивниот сопствен телесен облик и сексуалност, посочува таа.

Георгиевска е децидна дека со оглед на овие сериозни последици, есенцијално е да се подигне свеста за безбедноста и сексизмот на интернет - отворени разговори со младите девојки, образование и поддршка од семејството и професионалците може да им помогнат да развијат здрави стратегии за носење со овие предизвици.

-Во земјава, исто како и во многу други културни контексти, темите поврзани со психичкото здравје и барањето на психолошка помош сè уште се сметаат за табу. Особено кога станува збор за млади девојки кои се соочуваат со трауматични искуства од навредливи сексистички коментари на социјалните медиуми, стигмата и недовербата кон психолошката помош може да имаат далеку поголем влијание.Стравот од осудување и неприфаќање од страна на другите може да ги натера девојките да го негираат она што им се случува и да се однесуваат како да нема никаков проблем, нагласува Георгиевска.

Таа оценува дека сексизмот и родовата дискриминација дополнително може да ја усложни ситуацијата, при што се создава убедување дека младите девојки треба да бидат „силни“ и да се борат сами со своите проблеми, што може да им донесе уште поголем притисок и чувство на изолација. 

-Дури и кога девојките се соочуваат со сексистички и навредливи коментари на интернет, може да се почувствуваат виновни за тоа, што може да го зголеми чувството на срам и неважност. Овие ставови и табуа можат да имаат драматични последици врз психичкото здравје на девојките. Тие може да се чувствуваат непрепознаени и невидливи, што може да доведе до намалена самодоверба, депресија и напнатост. Негативните емотивни реакции може да влијаат на нивната способност да се фокусираат на учење и развој, што може да се одрази на нивните учебни постигнувања и професионална кариера, вели таа.

За да се промени оваа динамика, децицна е професорката, потребно е да се инвестира во подигнување на свеста за важноста на психичкото здравје и барањето помош, а образованието и кампањите можат да ги упатат луѓето кон дијагноза, терапија и ресурси за психичко здравје. Додава дека поддршката од професионалците, семејството и пријателите е од исклучителна важност, исто како и создавањето безбеден простор каде девојките може да се отворат и да ги споделат своите предизвици.

Психологот Искра Тренчевска од Центарот за невропсихологија, психотерапија и за психодијагностика „Когниција“, за МИА вели дека во секојдевната пракса се сретнуваат со млади девојки кои се соочуваат со траума откако биле жртви на вознемирување и вербално насилство на социјални медиуми.

- За возраста на жртвите нема правило, честопати се ранливи девојчиња во пубертет бидејќи немаат формирано стабилна слика за себеси и другите така што лесно веруваат дека навредите што им се упатени се вистини и се доказ дека нешто не е во ред со нив, а не со лицето или групата која им ги упатува, што е апсолутно неточно!, нагласува Тренчевска.

Тука како емоција, додава таа, примарно се јавува чувство на срам и неадекватност проследено со нарушување на сликата за себе и пад на самодовербата. 

-Никој не е имун на навреди, меѓутоа колку жртвата е повозраста и емотивно посозреана, полесно е да ги разбере мотивите на насилникот, кои секогаш произлегуваат од лична слабост и длабоко вкоренето чувство на несурност во себеси, но младите жртви за жал вината најчесто ја бараат во себе. Тоа самообезвреднување понекогаш може да доведе и до суицидни мисли, вели Тренчевска.

За тоа секако, според неа, придонесува и патријархалната култура која во минатото доминирала, а на некои места се уште доминира во нашето општество во кое се очекувало жената секогаш да молчи или било што да и се случува дека е виновна и дека морала да биде уште поповлечена и поскромна за го избегне. 

Според неа, ова полека се менува и поради храброста на одредени девојки кои се подготвени да ја раскажат својата приказна јавно и да ризикуваат да добијат уште повеќе негативни коментари.

-Со овие девојки работиме психотерапија која секако доведува до резултати. Секој процес на емотивно лекување започнува со емпатично слушање и разбирање на жртвата. Потоа работиме на промената на начинот на размислување за самата ситуација со цел да ги заменат своите негативни емоции со пофункционални здрави емоции. Тоа им помага полесно да се справат со ситуацијата. На пример во непријатната ситуација емоцијата срам да се замени со здрава емоција на непријатност. Ова е значајно од две причини – едната е што здравите негативни емоции придонесуваат до активно решавање на ситуацијата ако е можно, ако не до нејзино прифаќање и трпеливо чекање да помине. Другата компонента е самодовербата, односно не по секоја цена да постигнеме висока самодоверба туку безусловно прифаќање во кое жртвата е свесна и за своите слаби страни, но се прифаќа себеси безусловно и без обезвреднување зависно од околностите во кои се наоѓа. Осудата од другите да не прерасне во осуда на самите себеси која многу негативно влијае врз натамошниот развој на личноста (жртвата), вели Тренчевска за МИА.

Интервенција во Кривичниот законик заради употреба на родово сензитивен речник, наспроти родово неутралниот, кој моментално се употребува, вметнување на родовата перспектива, гарантирање дека

Низа недоречености и недостатоци во правната рамка во однос на говорот на омраза во онлајн-просторот

Родово-базираниот говор на омраза и родово-базираното насилство во онлајн-просторот се уште не се доволно препознаени од страна на релевантните институции во Северна Македонија. И покрај дефинирањето на сексуалното вознемирување преку интернет во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и неговото неодамнешно криминализирање, сепак се уште се соочуваме со негово непрепознавање и не(соодветно) постапување. 

Родово-базираниот говор на омраза е препознаен од страна на Законот за спречување и заштита од дискриминација и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во нејзиното постапување. Иако овој феномен е препознаен во Кривичниот законик во битието на некои кривични дела, не постои посебен член што директно го инкриминира како посебно кривично дело.

На целата низа недоречености и недостатоци во правната рамка се надоврзува и недостигот од регулација на говорот на омраза во онлајн просторот. 

Во однос на тоа дали се водат постапки за родово-базирано насилство на социјални медиуми кон жени и девојчиња, од Јавното обвинителство за МИА велат дека ЈО не ги издвојува осомничените или оштетените врз основа на пол или друга карактеристика која не е елемент на кривичното дело. 

-Најчесто дело кое ги опфаќа елементите кои Вие ги споменувате е кривичното дело - Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г од Кривичниот законик, каде меѓу другите категории, се санкционира „тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, велат од Обвинителството за МИА.

Врз основа на овој член, додаваат оттаму, Јавното обвинителство може да ги гони сторителите и на родово базиран говор на омраза, ваквите дела се препознатливи и можат да се докажат, иако треба да се нагласи ваквите пријави се релативно ретки во однос на поттикнувањата на дискриминација или омраза по другите наведени основи.

-Со воведувањето на ново кривично дело - Полово вознемирување од член 190-а, се воспоставија дополнителни одредби со кои се санкционира секое вербално, невербално или физичко дејство, како и преку користење електронски средства за комуникација, кое со директно или индиректно, реално или симболично значење, јасно потсетува на сексуален однос или други сексуални дејствија и со кое се предизвикува чувство на наепријатност, навреденост, понижување или страв кај некого без разлика на полот на жртвата, посочуваат од ЈО. 

Со кривичното дело - Демнење од 144-а од Кривичниот законик, пак, додаваат, се санкционираат облиците на продолжена несакана комуникација или контакт, кои вклучуваат психичко злоставување, вознемирување или застрашување. 

-Ова се нови кривични дела и нивната примена во пракса дополнително ќе се анализира. Она што е важно е дека, без разлика што ваквите дела не се однесуваат директно на половата или возрасната категорија што вие ја наведувате како потенцијални жртви, сепак тие даваат доволна основа за кривичен прогон на сите сторители на соодветни кривични дела.Сепак, треба да се има предвид дека говорот на омраза не е единствено кривично дело, односно кривично се санкционирани само најтешките облици на говор на омраза преку повеќе различни кривични дела, додека за останатите е предвидена друг вид одговорност, наведуваат од ЈО за МИА.

На истото прашање од Министерството за внатрешни работи за МИА одговорија дека Секторот за компјутерски криминал постапува по кривични дела од областа на компјутерскиот криминал, а по однос на говор на омраза постапуваат по кривичните дела по член 394 и член 319 од Кривичниот Законик на РСМ.

-Секторот за Компјутерски криминал постапува во активни и проактивни истраги и за секоја пријава по која презема мерки и активности согласно Кривичниот законик и Законот за кривична постапка го известува надлежното Јавно обвинителство. Доколку се работи за кориснички профил на социјална мрежа кој споделил објава чија содржина е со цел ширење на ксенофобичен и расистички материјал за истата се известува надлежното Јавно обвинителство со цел изготвување на официјално Барање за добивање на податоци за корисничкиот профил а потоа истото од страна на Секторот за компјутерски криминал се проследува до соодветната социјална мрежа, велат од МВР. 

Оттаму додаваат дека Секторот за компјутерски криминал има директна соработка со сите социјални мрежи преку нивниот Law Enforcement тим и истиот ги доставува официјалните Барања за доставување податоци од страна на надлежното Јавно обвинителство или суд. Во зависност од политиката на социјалната мрежа, пак, бараните податоци ги доставуваат по претходна доставена Наредба од надлежното Јавно обвинителство или со примена на механизмот за Меѓународна правна помош кој го спроведува Министерството за правда на Северна Македонија.

-Во однос на статистички податоци, Ве известуваме дека во периодот од 2021 година заклучно со јуни 2023 година, не се поднесени кривични пријави за регистрирани кривични дела од омраза врз основа на пол и родов идентитет, велат од МВР за МИА.

Комисијата за спречување и заштита од дикриминација, пак,не постапува во случаи на говор на омраза, постапува во случаи на вознемирувачки говор. 

-Важно е да се направи оваа дистинкција бидејќи санкционирањето на говорот на омраза е предмет на кривично-правна постапка. Иако во нашиот Кривичен законик не постои кривично дело кое е изрично насловено како „говор на омраза“, сепак истиот е предвиден во неколку предвидени кривични дела1 во Кривичниот законик и во овие постапки постапува надлежен јавен обвинител. Комисијата постапува во случаи на вознемирувачки говор, вклучително и вознемирувачки говор на социјалните мрежи, по било која основа, вели за МИА Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Постапувањето, вели тој, е најчесто по добиена претставка од страна на лицето кое смета дека било жртва на вознемирувачки говор на социјалните мрежи или од здруженија на граѓани кои во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација. 

Процесното постапување по овие предмети е исто како и постапувањето по сите останати предмети, односно е утврдено со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Доколку претставката е уредна и ги содржи сите потребни елементи (податоци за подносителот, податоци за потенцијалниот дискриминатор и факти и околности врз основа на кои се темели претставката), истата се доставува до потенцијалниот дискриминатор на произнесување. 

Потенцијалниот дискриминатор, појаснува Јадровски, може во рок од 5 дена од приемот на претставката писмено да се произнесе по наводите од истата. 

-После произнесувањето или после изминувањето на рокот за произнсесување, членот известител реферира на седница за предметот и предметот го става на гласање. Доколку се утврди вознемирување како форма на дискриминација врз основа на пол и/или род во областа на социјалните медиуми, на дискриминаторот му се дава рок од 30 дена да ја отстрани повредата, најчесто со бришење на вознемирувачката содржина, јавно извинување и известување на Комисијата дека постапил по препораката. Доколку дискриминаторот не постапи по препораката на Комисијата во дадениот рок, Комисијата поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд, истакнува Јадровски.

Наведува дека во 2022 година, до Комисијата се доставени 104 претставки од жени и девојки. Во 12 од овие претставки основата за дискриминација била пол и/или род, а во 6 oд претставките областа на дискриминација биле медиумите и јавното информирање, област во рамките на која Комисијата ги води и случаите на вознемирување на социјалните медиуми. Комисијата во 2 од овие случаи има утврдено вознемирување врз основа на пол, род и/или родов идентитет на социјални мрежи, конкретно на социјалната мрежа Фејсбук.

Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права, пак, за МИА посочува дека собирањето податоци е еден чекор кон борба против говорот на омраза, бидејќи сигурните информации и статистиката се неопходни за развој на политики за превенција и за заштита, како и за прилагодување на поддршката за жртвите. 

-Токму поради тоа, Хелсиншкиот комитет ја води платформата www.govornaomraza.mk, како интерактивна алатка за информирање на граѓаните за ситуацијата со говорот на омраза и регистрирање и мониторинг на случаи на говор на омраза, вели Петковска.

Петковска информира дека во периодот од 01.01.2023 до 31.07.2023 на платформата се регистрирани вкупно 568 случаи по разни основи. 41 пријава или 6 отсто од вкупниот број пријави се однесуваат на регистриран говор на омраза врз основа на пол и род.

-Во зависност од битието на дејствието, сексистичкиот говор може да биде кривично дело, вознемирувачки говор или навреди и за сите поединечно постои механизам за заштита. Доколку станува збор за говор на омраза како кривично дело, надлежно за постапување е јавното обвинителство со поднесување кривична пријава; вознемирувачкиот говор се пријавува како дискриминација со поднесување претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а клеветите и навредите се предмет на одлучување на граѓанските судови, кажа Петковска.

Информира дека жртвите на родово базиран говор на омраза можат да се обратат за правна помош до Хелсиншкиот комитет за човекови права кој врши мониторинг на говорот на омраза и може да иницира постапки за заштита. Понатаму, додава, жртвите имаат можност и сами да поднесат кривична пријава/претставка/тужба до надлежен орган.

-Генерално имаме добра законска регулатива, со простор за нејзино подобрување, но во пракса имлементацијата на законите за спречување и заштита од говор на омраза во областа на кривичното право вообичаено се користат за заштита на најпривилегираните, односно на сегашните и поранешни политичари. За ова сведочи и досегашната судска пракса на домашните кривични судови, односно податокот дека има незначителен број пресуди за санкциониран говор на омраза, вели Петковска.

Според неа, граѓанските организации постојано прават напори да го истакнат проблемот со родово базираниот говор на омраза и потребата од негово санкционирање, но во пракса државата сѐ уште нема создадено сериозен механизам за спречување на оваа појава, ниту во однос на заштитата, ниту во однос на превенцијата. 

-Дополнително, како што заклучува и Европската комисија во своите извештаи за Северна Македонија, во моментов државата не располага ни со соодветен систем за прибирање и анализирање статистички податоци, кои ќе ги покажат трендовите и оттаму ќе овозможат креирање стратегии и политики за справување со оваа појава, нагласува Петковска за МИА.

Сексистичкиот говор на омраза ги поттикнува и вкоренува социјалните стереотипи и предрасуди кои поддржуваат системски форми на родова нееднаквост

Проф. д-р. Боби Бадаревски од Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, вели дека во дигиталната култура постои континуум меѓу „онлајн“ и „офлајн“ културата и оти овие две сфери се повеќе не се гледаат како одделни, туку се взаемно поврзани и влијаат една врз друга. Онлајн културата не е изолирана од секојдневниот животот, туку често го одразува и влијае врз него. 

-Социјалните медиуми, на пример, не само што ги одразуваат нашите „офлајн“ животи, туку и активно ги формираат. Тие се место за формирање на идентитети, изразување на мислења, изградба на заедници и учество во демократски процеси. Оваа врска помеѓу онлајн и офлајн културата е особено значајна кога станува збор за влијанието на дигиталната култура врз пошироките социјални и културни промени. Дигиталната култура не е само рефлексија на офлајн светот, таа е и активен учесник во него, вели Бадаревски за МИА.

Тој појаснува дека имајќи го ова предвид, вербализацијата на насилство, вознемирувањето и говорот на омраза на социјалните медиуми само ги зајакнуваат родовите стереотипи - социјалните медиуми често се користат како канал за потврдување и ширење на постоечки родови стереотипи; социјалните медиуми можат да ги зајакнат негативните ставови и поведенија кон различните родови категории, често ги ограничуваат и се фокусираат на традиционални или бинарни родови идентитети (маж/жена), што може да ги изостави или да ги маргинализира луѓето кои не се вклопуваат во овие категории. 

Смета дека овие содржини дефинитивно можат да доведат до ширење невистини поврзани со родовите и често социјалните медиуми се користат за ширење митови, непроверени информации и предрасуди за родовите групи, посебно жените и девојчињата што може да создаде негативни влијанија врз нивната благосостојба.

-За да се спречи ширењето на невистини и родови дезинформации на социјалните медиуми, може да се применат разни стратегии - регулацијата на социјалните медиуми може да помогне во контролирањето на ширењето на дезинформации и невистини. Поддршката и промовирањето на квалитетни извори на информации, како научни истражувања, структурни извештаи и професионални медиуми, може да помогне во намалувањето на дезинформациите, вели Бадаревски. 

Тој смета дека луѓето треба да бидат поттикнати да проверуваат информациите пред да ги споделат или прифатат како вистинити, при што образованието и подигнување на свеста за овие прашања се критични за препознавање на дезинформациите и невистините. 

-Луѓето треба да бидат запознаени, информирани па и обучени за родовите прашања и да имаат критички мислење за информациите кои ги сретнуваат на социјалните медиуми. Организирање на образовни кампањи, работилници и тренинзи може да помогне во развивањето на критичко размислување кај луѓето, кажа тој.

Професорот смета и дека навредливите коментари на социјалните медиуми можат да промовираат култура на насилство, вклучувајќи родово базирано насилство - тие се дел од културата на насилство. 

-Таквите коментари, можат да придонесат кон нормализација на агресивното и насилно однесување, да ги поттикнат стереотипите и предрасудите, и да ги зголемат нееднаквоста и дискриминацијата. Но важно е да се разбере дека ова не е само проблем на поединците кои ги прават овие коментари, туку и на платформите кои им овозможуваат да ги шират овие идеи без последици. Затоа, потребно е да се применат строги мерки за модерација на содржината и да се обезбеди поддршка за жртвите на онлајн насилство, оценува Бадаревски.

Тој смета и дека сето ова доведува и до одржување и продлабочување на родовите нееднаквости во општеството, особено во дигиталната сфера. Вели дека социјалните медиуми, иако претставуваат моќна алатка за комуникација и поврзување, исто така можат да бидат сфера за маргинализација и дискриминација. 

-Онлајн говорот на омраза, троловите и навредливите коментари не само што ги повредуваат жртвите на непосредно, туку исто така ги поттикнуваат и вкоренуваат широките социјални стереотипи и предрасуди кои поддржуваат системските форми на родова нерамноправност. На пример, кибернасилството и онлајн вознемирувањето на жените и девојчињата и други маргинализирани групи може да ги ограничат можностите за нивно учество во дигиталната сфера. Ова може да вклучува страв од искажување на мислењата, самоцензура или повлекување од социјалните медиуми. Ваквите постапки не само што ги ограничуваат индивидуалните слободи, туку исто така ги одржуваат структурните родови нееднаквости со ограничување на пристапот до информации, ресурси и мрежи кои се достапни преку дигиталните технологии, дециден е Бадаревски.

За да се справиме со оваа проблематика, оценува тој, потребни се интегрални и мултидисциплинарни пристапи кои вклучуваат законодавни мерки, саморегулатива од страна на социјалните медиуми, образование и информирање, како и поддршка за жртвите на онлајн насилство.

-Како Институт за родови студии, работиме на истражување и превенција на родово базиран говор на омраза, како феномен кој се појавува во различни аспекти на нашето секојдневие. Омразата кон лица или групи на основа на нивниот род, пол, родов идентитет или изразување на сексуалност, претставува сериозен предизвик за нашето општество. За да се справиме овој предизвик, креиравме AI платформа „AI Платформа за Родовите студии“ (https://rodovistudii.zapier.app) која игра значајна улога во контекстот на превенцијата на родово базиран говор на омраза во сегашната медиумска и алгоритамска култура, открива Бадаревски за МИА. 

Оваа платформа, додава Бадаревски, користи напредни алгоритми и модели на машинско учење за анализа и препознавање на родово базиран говор на омраза во текстуални и визуелни содржини. 

-Платформата е обучена да препознае и анализира специфични зборови, изрази и облици на омраза, со цел да ги идентификува и предупреди за потенцијалните случаи на родово базиран говор на омраза.Преку AI платформата, ние имаме можност да ги анализираме историските примери на родово базиран говор на омраза, како и неговите ефекти врз индивидуите и заедниците. Ова ни помага да го разбереме контекстот и да го идентификуваме родово базираниот говор на омраза, со цел да го превенираме и да го намалиме неговиот влијание, истакнува тој.

Исто така, додава, AИ платформата ни овозможува да ги анализираме социјалните медиуми и интернетските платформи, каде што се појавува родово базиран говор на омраза. 

-Со ова, преку анализирање на текстуалните и визуелните содржини ние можеме да ги идентификуваме и анализираме коментарите, пораките и објавите кои содржат родово базиран говор на омраза, и да предложиме конструктивни решенија за нивното превенција, вели тој.

Тој, сепак, нагласува дека е важно е да се има предвид дека креирањето на АИ платформи не е без предизвици и потенцијални ризици. Алгоритмите што се користат во овие платформи, додава, можат да бидат подложни на предубедувања и да рециклираат постоечки нееднаквости и дискриминации. На пример, посочува, ако алгоритмите се обучени со податоци кои содржат родово базиран говор на омраза, може да дојде до неправедно преценување и цензурирање на одредени изрази или гласови.

-Со помош на AИ платформата, се стремиме да ја подигнеме свеста и знаењето кај студентите професорите за родово базираниот говор на омраза, како и да ги поддржиме иницијативите за создавање на безбедно и одржливо општество за сите. Сепак, важно е да се има предвид дека оваа платформа не е идеално решение и дека уште постојат предизвици и работи кои треба да се разгледаат и решат, наведува Бадаревски за МИА.

Неда Димова Прокиќ

Фото: Фросина Насковиќ; МИА архива; Принтскрин; Приватна архива

 

Остани поврзан