• петок, 22 ноември 2024

МЗТ Скопје сака да го организира завршниот турнир во АБА2

МЗТ Скопје сака да го организира завршниот турнир во АБА2
Скопје, 30 јануари 2022 (МИА) – Управата на македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје Аеродром испрати официјална пријава за организација на завршниот турнир од АБА2 со што ги потврди големите амбиции за враќање во елитната јадранска конкуренција. - Станува збор за добивање можност да се биде домаќин на најдобрите осум екипи од ова натпреварување, што и тоа како би било добро за нашите кошаркари, кои на патот кон АБА-елитата би ја имале поддршката од трибините. Според нашите информации, предводниците на регионалното натпреварување сé уште ги прибираат понудите за овој настан, за кој, неофицијално, интерес досега пројавиле и два босански града, Сараево и Бања Лука. Фајналејт-турнирот од АБА2 начелно е планиран за месец април, кога екипите, засега според неофицијални информации, би играле според класичен куп-систем односно само по еден натпревар, наместо по два како што беше лани, по кои решаваше вкупниот кош-количник. Ваквиот принцип значи дека домашниот терен ќе биде уште поголема предност, па се надеваме дека раководството на АБА ќе ја земе в предвид богатата традиција на нашиот клуб, како и фактот што сме еден од основачите на сегашното натпреварување и ќе ни направи чест да бидеме домаќини на најдобрите екипи, соопшти клубот од Аеродром. МЗТ Скопје Аеродром во моментов е второпласиран на табелата со скор 6-1, во пресрет на последните два турнири, кои ќе се одржат во Бања Лука и во Широки, каде што секоја екипа ќе одигра по три натпревари. зс/

Остани поврзан