• петок, 22 ноември 2024

МЖСПП: Зелената геоекономија во фокусот на Европскиот самит во Прага

МЖСПП: Зелената геоекономија во фокусот на Европскиот самит во Прага
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Слично на ЕУ како целина, која е околу 60 отсто зависна од увезената енергија, регионот на Западен Балкан е исто така многу зависен од увозот на фосилни горива. Се јавува потреба за посилна регионална соработка преку прекугранична трговија со енергија, инвестиции во развојот на инфраструктурата и енергетските ресурси и размена на информации и технологија во регионот како ефикасно решение за справување со енергетскиот дисбаланс, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешното обраќање на панел дискусијата „Зелена геоекономија и европско соседство“, како дел од Европскиот самит во Прага. Нуредини потенцирал дека Република Северна Македонија како држава е посветена во исполнувањето на сите предуслови за интегрирано климатско делување, за што се усвоени повеќе документи, дополнително осврнувајќи се на поддршката којашто е спремна да ја даде Европската Унија преку пакет грантови за ублажување на последиците од енергетската криза и градење на отпорност на краток и среден рок. Нуредини, како што информираат ид прес-службата на МЖСПП, ја искористи оваа прилика да испрати порака до меѓународните институции и банки за нивна континуирана поддршка во спроведувањето на овие политики, како и до колегите од регионот за поголема енергетска меѓузависност, со што ќе се намали нестабилноста на цените и прекините во снабдување, како главен чекор кон енергетската транзиција кон која целиме како Западен Балкан. - Зголемената побарувачка за енергија во регионот е главно поттикната од брзото ниво на урбанизација и индустријализација. Единствено решение кое може да ја подобри севкупната ситуација во регионот е да се зголеми соработката во енергетскиот сектор преку отстранување на сите постоечки бариери за трговијата на електрична енергија, гас и нафта, како и преку дефинирање, планирање, финансирање и управување со нови енергетски поврзани инвестиции на регионален начин, рече министерот Нуредини. Европскиот самит во Прага е платформа за стратешки дијалог за заеднички одговори на предизвиците на ЕУ. Главни воведни обраќања на отворањето на вториот ден од Европскиот самит во Прага имаа Вера Јоурова, потпретседател на Европската комисија за вредности и транспарентност, Дирк Бушле од Одделот за европски студии за политики и управување и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.фф/са/

Остани поврзан