• недела, 22 декември 2024

Меџити: Ќе го блокираме законот за бранители, за нив и без закон постојат социјални пакети

Меџити: Ќе го блокираме законот за бранители, за нив и без закон постојат социјални пакети

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити истакна дека ќе го блокираат Предлог законот за бранители,  бидејќи како што вели, за нив и без закон постојат социјални пакети.

Меџити во вечераното гостување во емисијата „Клик плус“ на Телевизија 21 рече дека треба да се затвори прашањето за ова законско решение затоа што тие ќе го блокираат и ги набројуваше бенефициите кои ги уживаат бранителите.

-Ние јавно велиме дека не сме за законот за Бранителите доколку не се третираат и борците на УЧК. За нив и без закон постојат социјални пакети, тие се регистрираа на универзитетите безпари, во Фондот за здравство не плаќаат, во болниците не плаќаат, нивните деца се школуваат без пари. Имаме случај Тарчуловски кој се осуди за воени злосторства, минатите влади плаќаа за неговата одбрана, кога се врати тука му дадоа еднократна помош, има значи повеќе случаи, а последниот случај е кога заменик премиерот, господинот Груби, не премиерот туку заменик премиерот има потпишано одлука за случајот со Бранителите. Сега повторно, ова не е иницијатива на партнерите во власта, туку е иницијатива на СДСМ која до вчера пропагираше за еден граѓански концепт, каде граѓаните не ги делат на етничка база, кои имаат земено од 30 до 50 илјади албански гласови кои беа клучни за доаѓањето на СДСМ на власт и ако ви текнува со албанските гласови беше 49:51 не беше ни 50:50. Значи овие беа клучни за доаѓањето на СДСМ на власт, рече Меџити.

Минатите осум години, дополни, имаа можност за да ги решат овие работи и не дигнале глас, а сега кога се формираше една нова влада, Славјанка, министерката за одбрана која е од СДСМ со граѓански концепт предлага закон за бранителите за да ја испровоцираат ситуацијата.

Според Меџити, законот се предлага со цел да се испровоцира меѓуетничка ситуација.

-И овој закон влезен е во процедура и ние се спротивставивме. Сега имаме ситуација каде е блокиран и мислам дека се ќе направиме за да го блокираме до крај. Не како другите, кои гласале закони за Бранителите. Имаше и изјава на Стојанче Ангелов, каде јавно кажа пред политички лидери и немаше никаква реакција, на еден политички митинг каде учество земаа целото поранешно владино мнозинство, дека имал поддршка од албанската опозиција дека без проблеми ќе го поддржеа законот за Бранителите доколку тие беа на власт. Ова не го велам јас, јавно е, рече Меџити.

Законот за бранители е блокиран во Собрание, бидејќи претседателката на матичната Комисија за социјална политика, демографија и млади одбива да ја стави оваа точка на дневен ред на седница. Седницата со оваа точка не може да ја свика ниту претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи, како што рече, седницата на која требаше да се расправа веќе е одржана.фф/лв/

Фото: Принтскрин од видео 

Остани поврзан