• вторник, 05 ноември 2024

Меџити: Од Владата побаравме нови 22 возила за Итната медицинска помош 

Меџити: Од Владата побаравме нови 22 возила за Итната медицинска помош 

Скопје, 26 јули 2023 (МИА) - Министерството за здравство доставило барање до Владата на РСМ за набавка на нови 22 возила за потребите на Итната медицинска помош, што се планира да бидат распределени во целата држава со цел да се обезбеди уште поефикасна здравствена заштита за пациентите. 

Ова го соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити при денешната посета на службата за Итна медицинска помош во рамки на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, каде беше информиран за нејзината работа која е со зголемен обем поради високите температури кои ја зафатија земјава. 

-Меџити разговараше со здравствените работици кои се дел од оваа служба и кои се во прва линија кога станува збор за итни случаи на кои им е потребна здравствена заштита, интересирајќи се за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно на терен, се наведува во соопштението од Министерството за здравство. 

Во текот на средбата Меџити посочи дека службата за Итна медицинска помош игра клучна улога во обезбедувањето на навремена и соодветна здравствена заштита за пациентите и дека токму затоа Министерството за здравство работи на унапредување на нејзините капацитети. 

Информацијата за набавката на нови возила за потребите на Итната медицинска помош, како што се додава во соопштението, беше поздравена од здравствените работници во ЈЗУ Здравствен дом Скопје, кои го информираа министерот дека најавената иницијатива за набавка на нови возила ќе биде од големо значење во насока на унапредување на нивната работа. дма/ев/

Фото:Министерство за здравство

Остани поврзан