• понеделник, 23 декември 2024

Меџити: Има недостиг на акушерки, на конкурс од Клиниката за гинекологија немаше ниту една пријава

Меџити: Има недостиг на акушерки, на конкурс од Клиниката за гинекологија немаше ниту една пријава

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Има недостаток на акушерки, имаше еден конкурс објавено од Клиниката за гинекологија и немаше ниту една пријавено. Одма презедовме иницијатива заедно со средното медицинско „Панче Караѓозов“ и со министерот за образование, одлучивме од септември да отвориме уште една паралелка. Цело време апелирам да се соочуваме со сите проблеми. Затоа сме тука, да ги решаваме. Ова го изјави денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити, на денот на акушерките. 

Запрашан околу најавите за прес-конференција на двата најголеми синдикати во врска со се уште недобиеното зголемување, три и две илјади денари за медицинскиот персонал, министерот рече дека со синдикатите е усогласено се  и дека за неколку дена ќе почне исплатата. На новинарско прашање, фер ли е 78 процентно зголемување на платите на функционерите, а здравствените работници да се жалат на мали примања, министерот одговори дека тој не одлучува за зголемувањето на функционерските примања. 

- Ние се стремиме, здравствените работници секогаш да имаат подобри примања и за тоа ќе се залагаме и во иднина, нагласи министерот. 

На прашање околу поплаките од родители за условите на детска клиника, чекање за обичен преглед околу 4 - 5 часа, министерот рече дека се прави се, за да има и втори смени и за дијагностика и за прегледи и термини да има. 

- Со се ќе се справиме, но нормално е дека ни треба време, рече министерот. 

Во врска со стратегија за задржување на кадарот во земјава, министерот рече дека се во секојдневни преговори со министерството за финансии, за согласности за нови вработувања во здравството. Тој потврди дека во секоја здравствена институција има дефицит на кадар од секаков вид и рече дека ќе се направи се што е во рамките на можностите, за нови вработувања.  

Запрашан околу реакции при назначување на кадри за директори, како тој на кардиологија, со поставување на лице што претходно било директор на водовод и канализација, како и кадарот на токсикологија, лекар по општа медицина, министерот рече дека станува збор за високообразовани кадри.

Дипломираната акушерка Тања Трајковска, потпретседателка на здружението на медицински сестри,  техничари и акушерки, претседателка на одборот на акушерки во комората на здравствени работници со средно, вишо и високо образование и поранешен претседател на секцијата на акушерки, информираше дека во ГАК има 14 акушерки во родилната сала, распоредени во четири или пет смени. Годишно на клиниката има околу 3.500 до 3.800 раѓања. 

- Ако Европа, меѓународната конфедерација, СЗО велат дека треба да има 117 до 120 раѓања годишно на акушерка, па ако направиме споредба, излегува дека недостигаат 10 до 12 акушерки во родилната сала кај нас. Или, треба да има една акушерка на еден родилен бокс. Ако во болницата има два, треба да има две акушерки во смена и плус предродилна сала. Или ако има пет, плус еден дополнителен, како што е кај нас, треба да има шест во смена и плус предродилна сала, соопшти таа. 

Трајковска беше запрашана која е пораката што сакаат да ја упатат на овој ден. 

- Не сакаме да бидеме погрешно сфатени дека имаме нешто против едукацијата на акушерки, да кажам,  на средно ниво, со средно училиште. Сакаме да бидеме разбрани, дека едукацијата треба да биде соодветна. Треба да биде квалитетна. Треба да ги стекнат вештините што треба да ги има една акушерка на крајот од своето школување. Треба да ги поседуваат сите компетенции, за да можат да се справат со сите животозагрозувачки ситуации во родилната сала. Да одговараат за два живота во моментот и сами да ја носат одлуката во моментот, што треба да се направи и кога, во кој момент треба да се повика гинекологот, ако акушерката сама, не може да се справи со целата ситуација, одговори таа. 

На ниво на цела држава, додаде, треба да постојат и советувалишта за трудници, бидејќи сега лекарите, како што нагласи,  се преоптеретени. 

- Една трудница со една нормална бременост доаѓа постојано кај нив и за најобични прашања, околу исхрана, облека, годишен одмор и слично, прашања што многу лесно може да ги постави во советувалиште за трудници, што би го виделе акушерки. Исто така оние основни рутински предмети, како што се тежина, висина. Има трудници коишто добиваат прекумерна телесна  тежина, баш заради тоа што нема акушерка да ги посоветува колку смеат во текот на бременоста да добијат тежина. Кои физички вежби, па дури и физичките вежби да се работат заедно со трудницата, да ги работи стручна акушерка, да не ги работат инструктори по пилатес или јога инструктори, коишто не се стручни, со кои се компликации може да се сретне трудницата во текот на бременоста, појасни Трајковска. бд/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан