• сабота, 14 февруари 2026

Меѓународен ден на дарувањето книги: „Матица македонска“ со голема донација за учениците по Македонски јазик и култура во Хрватска

Меѓународен ден на дарувањето книги: „Матица македонска“ со голема донација за учениците по Македонски јазик и култура во Хрватска

Скопје, 14 февруари 2026 (МИА) - На Меѓународниот ден на дарувањето книги – 14 февруари, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, издавачката куќа „Матица македонска“, информира дека испраќа голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. Со ова, „Матица македонска“, како што информираат, повторно, и со личен пример го поттикнува дарувањето како чин на развивање на љубовта кон книгата и како влог за овозможувањето пристап до книги за децата ширум светот. Преку донацијата, голем број дела од историски значајни македонски автори, современа македонска поезија и проза и дела од македонската книжевност за деца ќе им бидат овозможени на учениците и просветните работници, со цел во исто време да се развива љубовта кон книгата, кон македонскиот јазик и кон Македонија.

- Со голема радост ја примив веста за значајната донација од „Матица македонска“. Таа е едно од најголемите признанија што сум ги добила во животот, но е и големо признание и влог и за сите Македонци и Македонки во Република Хрватска кои го зборуваат и го учат македонскиот јазик, за Заедницата на Македонците во Република Хрватска и за нашето културното друштво  „Охридски бисер“. Како просветен работник, од мигот кога ја напуштив Македонија си дадов ветување дека секогаш ќе бидам доследна во зачувувањето на нашиот македонски идентитет, што првенствено значи зачувување, промоција и афирмација на јазикот, на делата на македонските поети и писатели, на творештвото на нашите академици и професори кои сиот свој живот се вложуваат да го сочуваат јазикот и делото на нашите претходници и да го збогатат и да го доближат до зборувачите, читателите, учениците во нашата земја и во светот. „Матица македонска“ е издавачка куќа што 35 години се вложува и на секој начин е еден од најголемите чувари на нашиот јазик и воошто на нашиот идентитет. Оваа, прва издавачка куќа во самостојна Македонија е симбол на нашата големина која понекогаш додека сме дома, во нашата земја ја забораваме, но станува видлива кога ќе отидеме надвор и многу бргу ги согледуваме нејзините вредности и важност. Да се опстане и да се верува во моќта на книгата и на мајчиниот збор е привилегија на мудрите и истрајните. Македонскиот народ е мудар и истраен, горд чувар на својот идентитет, за што сведочат и стотиците изданија, истакнува професорката Ивана Брезовец, иницијаторка за отпочнување настава по Македонски јазик и култура во Света Недела, која веќе го предава истиот предмет во Првата гимназија во Загреб, а од годинава е и претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.

Како што посочува Брезовец, големиот број книги од донацијата на „Матица македонска“ ќе бидат дел од фондот на библиотеката на хрватското основно училиштето „Стрмец“.

- Ова училиште важи за едно од најголемите училишта во Хрватска, а градот Света Недела е еден од економски најразвиените градови. Во училиштето, интересот за изучување на македонскиот јазик расте од ден во ден и среќна сум што многу љубопитни очиња ќе имаат привилегија да учат и читаат на македонски јазик токму од прекрасните изданија на „Матица македонска“, нагласува таа, упатувајќи и благодарност за донацијата. 

Обемот и содржините на донацијата од „Матица македонска“ ќе овозможат преку книгата, учениците по македонски јазик во хрватското училиште во текот на сето свое образование да имаат силна книжевна врска со Македонија и со македонскиот јазик, како и воошто 108 ученици што го учат предметот Македонски јазик и култура во осум основни училишта кои се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит и во три гимназии кои се наоѓаат во Загреб, Риека и Осиек. 

Инаку, со иницијативата „Подари книга, подари свет“ што „Матица македонска“ ја почна минатата недела и во чиишто рамки се случува и оваа донација во Хрватска, Меѓународниот ден на дарувањето книги за првпат на ваков начин се чествува во нашата држава. „Матица“ иницираше Седмица на дарувањето, којашто трае до денес, кога уште е во тек традиционалниот зимски саем „Книга во секој дом“ на кој ексклузивно се овозможени стотици ексклузивни наслови за сите генерации читатели, со попуст од 35 до 80 проценти и по повод 35-годишнината од формирањето на издавачката куќа. 

„Матица македонска“ ги повика сите институции, сите општествено одговорни компании од државата, вклучително и сите издавачки куќи, но и сите поединци, да се вклучат во иницијативата за дарување книги, овозможувајќи пристап до книги до сите читатели, особено до младите генерации. Повикот е упатен и до сите граѓани што се во можност по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги да подарат книга некому – на член на семејството, саканата и саканиот, пријател/ка, колешка и колега, познаник, пријател, дете... Како што веќе беше порачано, книгата е најдобриот подарок и за денот кога се слават виното и љубовта, заради што, во рамките на саемот, „Матица“ овозможи и изданија со соодветна тематика со попуст до 80 проценти. Сѐ со цел за првпат масовно да се чествува и Меѓународниот ден на дарувањето книги, сѐ повеќе да се буди свесноста дека книгата може да е и најдобриот подарок и да се поттикнува љубовта кон читањето, вклучително и кај новите генерации.

Во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“. „Матица“ како што се вели во соопштението, претходно даде донација од книги и на Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција. Во ова Друштво, покрај иселеници-Турци што иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21. век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. 

Кон иницијативата „Подари книга, подари свет“ што ја почна „Матица македонска“, ккао што посочуваат, очекуваат да се приклучат и други субјекти од земјава, со цел масовна, заедничка заложба за популаризација на книгата и поттикнување љубов кон читањето, со овозможување пристап до книги во секој дом, во секоја институција и секаде каде што има сегашни и идни читатели. аа/ 

Фото: Матица македонска

Остани поврзан