• петок, 05 декември 2025

Мецола: Никогаш повеќе да не се случи Сребреница 

Мецола: Никогаш повеќе да не се случи Сребреница 

Стразбур, 7 јули 2025 (МИА) - Оваа недела се навршуваат 30 години од геноцидот во Сребреница, каде што илјадници босански муслимани беа убиени или исчезнаа, а десетици илјади други беа насилно протерани од енклавата, изјава претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќање на комеморацијата во ЕП по повод 30-та годишнина од геноцидот во Сребреница. 

- Трагично, но многу од жртвите остануваат неидентификувани, рече Мецола на комеморацијата со која започна овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур. 

Мецола информира дека на комеморацијата присуствуваат и двајца преживеани од масакрот Алмаса и Алмир Салиховиќ. Алмаса, како што истакна Мецола, била одвоена од своето семејство и дури подоцна дознала дека нејзиниот постар брат Абдула е погубен, додека Алмир шест дена се криел во шумата за да избегне погубување.  

- Алмаса и Алмир, ви благодариме што сте тука. Вие не потсетувате дека зад секое име и број, стои личност. Семејство, додаде Мецола. 

Таа нагласи дека Европскиот парламент им оддава почит на сите преживеани во Сребреница, исто како што продолжува да ги одржува живи спомените на жртвите од масакрот.

- Нека солзите на мајките станат молитви, никогаш повеќе да не се случи Сребреница, го заврши Мецола обраќањето цитирајќи го овој дел од „Молитвата за Сребреница“. сп/

Фото: Европски парламент

Остани поврзан