• вторник, 26 ноември 2024

Мето Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на „Киненова“

Мето Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на „Киненова“
Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) - Театарот за мене е основа, тој е многу важен. Но, филмот е една чаролија со која тешко се постигнува резултат поради многу фактори. Сепак според мене, вистинската работа за актерот е токму театарот, затоа што е потребен професионалец кој целиот свој живот ќе му го посвети, рече денеска актерот Мето Јовановски кој е добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на Меѓународниот фестивал „Киненова“. Мето Јовановски се појавува во над 60-тина филмски и телевизиски наслови. Неговите незаборавни улоги се во филмовите - „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“. За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“, но и Златна маска на МЕСС во Сараево, неколку Grand Prix во Ниш за најдобар актер во филмовите Црвениот коњ. Среќна Нова, и Тетовирање, но и триесеттина други награди како во земјава, така и низ сцените во поранешна Југославија. Во 2010 година беше овенчан со наградата „Петре Прличко“. Тој на денешната прес-конференција по повод добивањето на наградата, напомена дека успешноста на еден филм зависи од многу фактори, од сценарио, режисери, но и времето како и условите во кои живееме. -Сите ние некогаш сме биле почетници, и секогаш некој познат или непознат се случувало да ни помогне да имаме поддршка која е многу важна. Времето кога јас почнав во седумдесетите беше поинакво од времето што е сега, сега морам да кажам дека е многу посложено. Не би рекол дека првиот филм на Милчо Манчевски „Пред дождот“ е дебитантски, но е еден од првите негови филмови, и е филм кој постигна голем резултат. Понекогаш се случува резултатите од филмското оставрување да ги добиеме подоцна, а не на почеток, тоа зависи од многу фактори, најмногу од страв дека нема да успееме, рече лауреатот. Според Јовановски, луѓето имаат поинаков однос кон оние кои создаваат култура, вклучувајќи ги и уметниците, актерите, филмаџиите. Посочи дека некои негови филмски оставрувања надвор од државата, никогаш не биле прикажувани кај нас. Програмскиот директор на фестивалот „Кинеова“, Игор Анѓелков денеска на прес-конференцијата истакна дека оваа година изданието го посветуваат токму на македонските великани. -Практика на претходните изданија на „Киенова“ беше да главните лауреати за особен придонес во филмската уметност ги ловиме од овие балкански простори, но секако разговарајќи во рамките на фестивалот дека сепак и ние имаме имиња со кои може да се пофалиме, решивме од оваа година да отвориме еден простор и со тенденција тоа да биде практика и понатаму, дел од лауреатите на „Киненова“ да бидат и македонски заслужни имиња кои направија многу, не само во македонската, туку и во балканската и европската кинематографија, рече Анѓелков. Тој посочи дека одлуката за Мето Јовановски веднаш беше донесена без никакви размислувања, затоа што, како што рече, прва асоцијација на македонски актер во сиот свој сјај е токму тој - „човекот на кој едноставно му верувате кога го гледате на филмското платно, секоја изговорена реплика е на место изразена со емоција, па дури и кога молчи“. Наградата на Мето Јовановски ќе биде доделена утре вечер, за време на отворањето на фестивалот, а потоа во негова чест, ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“. Инаку, оваа година „Киненова“ освен наградата за Мето Јовановски, ќе додели уште две награди. Постхумно ќе бидат доделени наградите за особен придонес во филмската уметност на Сабина Ајрула - Тозија и Љупчо Тодоровски - Упа. Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ рече дека Љупчо Тодоровски-Упа беше значаен дел од фестивалот, кој можеби и не доволно внимание доби во нашата јавност, и затоа оваа година ја востануваат наградата „Љупчо Тодоровски-Упа“ која ќе се доделува за особено актерско остварување во главната натпреварувачка програма Јовановиќ рече дека имаат уште две натпреварувачк програми, и тоа меѓународната програма на кратки филмови и натпревувачка програма на македонски кратки филмови за која ке одлучуваат две жирија. Фестивалот оваа година повторно се враќа во кино, поточно од 27 до 31 месецов, во кино Милениум и Кинотека. Во ноември продолжува хибридната програма, односно дел од програмата ќе се прикажува и на телевизијата 24.бт/дма/  

Остани поврзан