Мерц и Макрон ја истакнаа важноста на француско-германското партнерство
- Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон ја истакнаа важноста на француско-германското партнерство во предизвикувачките глобални политички времиња.
Берлин, 23 јули 2025 (МИА) – Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон ја истакнаа важноста на француско-германското партнерство во предизвикувачките глобални политички времиња.
- Стоиме на основата на блиско француско-германско пријателство кое се развиваше со децении. И двајцата чувствуваме голема обврска да продолжиме да работиме на ова во наредните години, рече Мерц вечерва, на почетокот на работната посета на Макрон на Берлин.
Француско-германскиот однос е исто така многу важен лично за него, нагласи Мерц, кој го пречека својот гостин во Берлин на француски јазик, јави ДПА.
Мерц истакна дека повеќе од половина од неговиот кабинет веќе направиле инаугуративни посети на Франција откако владата стапи на должност на почетокот на мај.
Мерц рече дека ќе разговараат за актуелната трговска политика, вклучително и царинскиот спор со САД, како и за прашања од надворешната и безбедносната политика.
Макрон во врска со царините нагласи дека веќе биле во постојана комуникација во последните денови за да го координираат одговорот на „царинската офанзива“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според Макрон, во тоа биле вклучени и Италија и Европската комисија. Тие ја делат желбата да обезбедат стабилност и да имаат што е можно пониски царини, рече тој, додавајќи дека во исто време сакаат да бидат почитувани како партнери.
Макрон го истакна личното пријателство меѓу него и Мерц, како и меѓу нивните две земји.
- Француско-германскиот однос и заедничката волја за унапредување на билатералните и европските агенди се од суштинско значење, рече францускиот претседател. „Vielen Dank, Friedrich“, рече тој на крајот од своето излагање, што на германски значи „Многу благодарам, Фридрих“.
Ова е прва посета на Макрон на Германија откако владата на Мерц стапи на должност на 6 мај.
Само еден ден по неговиот избор, Мерц отпатува за Париз за да сигнализира „нов почеток“ во француско-германските односи, кои значително се заладуваа за време на поранешниот канцелар Олаф Шолц.
Сепак, клучните разлики меѓу двете страни остануваат. Париз се залага за заеднички европски долг за зајакнување на одбранбената индустрија на континентот – предлог што Берлин го отфрла.
Франција, исто така, ја поддржува континуираната употреба и промовирање на нуклеарната енергија, додека Германија целосно ја укина.
Несогласувања постојат и во заедничкиот развој на оружје. За системот за воздушна борба FCAS – заеднички проект со Шпанија – двете земји сè уште имаат различни ставови за соодветната вклученост.
Средбата се одржа во Вила Борсиг, резиденција на езерото Тегел во северозападниот дел на Берлин, која некогаш му припаѓала на индустриското семејство Борсиг, а сега служи како гостинска куќа на германското Министерство за надворешни работи. јт/
Фото: ДПА