• петок, 05 декември 2025

Мерсие: ЕК предлага отстапување од одлучувањето со консензус во преговорите за да не се ризикува пристапниот процес поради необјективни причини 

Мерсие: ЕК предлага отстапување од одлучувањето со консензус во преговорите за да не се ризикува пристапниот процес поради необјективни причини 

Брисел, 29 септември 2025 (МИА) – За да не се доведе пристапниот процес во ризик поради необјективни причини кои не се поврзани со исполнување на критериумите за членство, Европската комисија уште лани предложи да се овласти Советот на ЕУ наместо со консензус, за секој следен чекор во поголемиот дел од преговарачкиот процес да се одлучува со квалификувано мнозинство, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување Гијом Мерсие. 

- Сепак, одлуките за затворање на преговарачките поглавја треба да продолжат да се носат со консензус од страна на сите земји членки, како и конечната одлука за завршување на преговорите, рече Мерсие, додавајќи дека ваквиот предлог е во согласност со заклучокот на Европскиот совет за забрзување на процесот на проширување. 

Мерсие додаде дека од тие причини Еврокомисијата го иницира ова прашање и започна дискусии за негово разгледување, но дека конечната одлука за измена на начинот на носење одлуки сепак е на земјите-членки. 

Главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо додаде дека и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во своето овогодишно обраќање за „Состојбата на Унијата“ ја покрена идејата во некои области при носењето одлуки наместо консензус да се решава со квалификувано мнозинство, при што експлицитно ја спомена надворешната политика.  

Пињо додаде дека ова прашањето е отворено за дискусија и дека моделот на одлучување со квалификувано мнозинство може да се воведе и во други сфери. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан