• среда, 04 февруари 2026

МЕРМС: СДСМ грубо манипулира за да го скрие фактот дека нивните долгови го кочат развојот - конечно воведуваме ред онаму каде што владееше хаос

МЕРМС: СДСМ грубо манипулира за да го скрие фактот дека нивните долгови го кочат развојот - конечно воведуваме ред онаму каде што владееше хаос

Скопје, 3 февруари 2026

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најостро и недвосмислено ги демантира неоснованите, манипулативни и свесно лажни тврдења на СДСМ, кои уште еднаш покажуваат дека како опозиција немаат ниту аргументи ниту кредибилитет - туку само потреба да ја прикријат сопствената одговорност за финансискиот хаос што го оставија зад себе и во секторот енергетика.

Осврнувањето на министерката Сања Божиновска за состојбата на буџетот се однесуваше исклучиво на реалната можност државата сама да финансира проект од обем и тежина, како хидроцентралата „Чебрен“ - инвестиција вредна над една милијарда евра. Притоа министерката јасно и одговорно посочи дека ниеден проект, колку и да е значаен, не смее да значи запирање на средствата за здравството, образованието, инфраструктурата и другите клучни јавни инвестиции.

Ние јавно кажуваме што е финансиски можно, а што би било неодговорно и ризично за државата. Тоа е разликата меѓу одговорна политика и опасен популизам - разлика што СДСМ очигледно мора да ја научи.

Фактот дека капиталниот дел од буџетот денес е ограничен е директна последица на години недомаќинско, хаотично и неодговорно управување, период во кој не беше реализиран ниеден стратешки капитален проект, а државата беше задолжувана без јасна визија и резултати. Буџет што беше разнишан и нефункционален, оваа Влада сега го стабилизира и го става во служба на реални, мерливи и остварливи проекти.

Очигледно е дека на СДСМ му пречи воведувањето ред и систем. Министерството направи суштински пресврт во енергетскиот сектор овозможувајќи стотици домашни и странски компании да инвестираат транспарентно, законски и под еднакви услови - нешто што со години беше блокирано.

И покрај ниските, манипулативни и неосновани напади од СДСМ, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува фокусирано на реализација на клучни проекти за граѓаните, со одговорно планирање, финансиска дисциплина и без загрозување на стабилноста на државата.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС)

Фото: МИА архива

Остани поврзан