• петок, 22 ноември 2024

Мемов: Граѓаните треба да бидат спокојни и сигурни дека Фондот секогаш навремено ќе врши исплата на пензиите

Мемов: Граѓаните треба да бидат спокојни и сигурни дека Фондот секогаш навремено ќе врши исплата на пензиите

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Фондот за пензиското и инвалидското осигурување денеска ги исплати пензиите, покачени за 2500 денари, што, согласно пресметките, претставува зголемување од 11,2  проценти. Доколку се направеше усогласување со досегашната методологија на усогласување,  зголемувањето ќе изнесуваше четири проценти. Искажано во сума на пари, зголемувањето од  четири  проценти би било околу 528 денари за пензионерите со минимална пензија или 1600 денари за оние со 40 илјади денари, изјави директорот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Никола Мемов.

Во однос на дефицитот во буџетот на Фондот за исплата на пензиите, Мемов во изјава за телевизија Телма, вели дека генерално, тој е резултат на досегашните владини економски политики поради зголемување или одржување на економскиот раст. Граѓаните, појасни тој, треба да знаат дека дефицитот не е резултат на недомаќинско менаџирање на Фондот за ПИОСМ.

-Ние во следниот период ќе ја направиме анализата и точно ќе ги дефинираме причините за оваа состојба. Како пример, оваа мерка на владата за  зголемувањето на пензиите за 2500 денари придонесе дефицитот во буџетот на Фондот да се зголеми за осум проценти, но ова е социјално-солидарна мерка која ќе придонесе за зголемување на животниот стандард на пензионерите, рече Мемов, се вели во соопштението од неговиот Кабинет.

Согласно проценките, според Мемов дефицитот до крајот на годината очекуваат да се стабилизира на 36-37 проценти, поради, како што вели, очекуваните зголемени приходи од наплата на придонесите.

-Имајќи ја предвид актуелната состојба со дефицитот,  Фондот за ПИОСМ до владата ќе предложи краткорочни и среднорочни стратешки мерки за зголемување на сопствените приходи, а во функција на обезбедување на социјалната сигурност на корисниците на пензии, но и на сите осигуреници, изјави Мемов.

Мемов, исто така, најави дека ќе се зголеми транспарентноста на Фондот за ПИОСМ, а ќе се зголеми и отвореноста за заедничка соработка со работодавачите, компаниите и Стопанските комори во Македонија, во изнаоѓање на трајни и стабилни решенија. -Сакам да потенцирам дека граѓаните треба да бидат спокојни и сигурни дека Фондот за ПИОСМ ќе биде функционална и финансиски одржлива институција која секогаш навремено ќе врши исплата на пензиите на корисниците во Македонија, рече Мемов, се вели во соопштението. аа/мд/

Фото: Фонд за ПИОСМ

Остани поврзан