• петок, 22 ноември 2024

МД „Илинден“ - Тирана почна кампања „Главата горе - изјасни се дека си Македонец“

МД „Илинден“ - Тирана почна кампања „Главата горе - изјасни се дека си Македонец“

Тирана, 30 април 2023 (МИА) - Македонско друштво „Илинден“ - Тирана, пред престојниот попис на населението во Албанија, почна кампања под мотото „Главата горе - изјасни се дека си Македонец “.

Во повикот кој попладнево го објави, друштвото ги повикува сите Македонци во Албанија да се „изјаснат дека се Македонци и да го зачуваат својот македонски идендитет“.

- Ги повикуваме Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и на целата територија на Република Албанија на пописот на населението во септември годинава без страв да се изјаснат дека се Македонци и дека мајчин јазик им е македонски. Така ќе го зачуваат својот македонски идентитет во Република Албанија, стои во повикот.

Според претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, како дел од зацртаните активности за зачувување на македонскиот национален идентитет, друштвото ја почнува оваа медиумска кампања за „подигање на свеста кај Македоците во Албанија да се изјаснат тоа што се“.

- Кампањата е под мотото „Горе главата – изјасни се дека си Македонец“. Сакаме да ја подигнеме свеста кај Македоците да се изјаснат она што единствено се, Македонци. Нас не има насекаде низ Албанија. Главно сме концентирани во областите Мала Преспа, Гора, Голо Брдо, но со по неколку десетина илјади не има и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча и во други градови, изјави Ѓурѓај за МИА.

Го нагласува веќе познатиот факт, дека албанските власти признаваат постоење на македонско малцинство единствено во Мала Преспа.

- И покрај барањата во континуитет по падот на тоталитарниот режим, се уште на Македонците не им се признава статус на малцинство на целата територија на Албанија. Но, без оглед на тоа многу меѓу Македонците чувствуваат и страв и не се изјаснуваат она што се. Буквално се плашат да кажат дека се Македонци, за да не бидат санкционирани, посебно оние кои работат или добиваат некаква социјална помош, додава тој со доза на разочараност.

Кампањата е на три јазици, македонски, албански и англиски јазик и освен во електронското издание на весникот „Илинден“ ќе биде и на други медиуми во Албанија.

Инаку, според македонските друштва во Албанија живеат од 120.000 до 150.000 Македонци, но како такви се признати само над пет илјади во Мала Преспа.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Албанија почнува на 18 септември и ќе трае шест седмици. Како што објавија од Инситутот за статистика, изјаснување на етничката и верска припадност е на доброволна основа, што подразбира дека не мора да се одговори. вт/сх/

ФОТО: МД “Илинден“

Остани поврзан