• петок, 22 ноември 2024

МВР: Усмртиле пешак, па лажеле за да избегнат вина, СВР Скопје го расчисти случајот

МВР: Усмртиле пешак, па лажеле за да избегнат вина, СВР Скопје го расчисти случајот

Скопје, 3 ноември 2024 (МИА) - Седумдесет и осумгодишна жена В.Н. од скопското село Марино вчера починала од повреди откако била удрена од патничко возило „хонда цивик“ со скопски регистарски ознаки кое го напуштило местото на несреќата. Откако возилото било најдено, сопствениците во полиција дале лажна изјава за да избегнат вина. 

Како што денеска соопшти МВР, во 17.25 часот вчера во СВР Скопје било пријавено дека жената била удрена на крстосницата од ул.„500“ и ул.„401“ во село Марино и дека возачот избегал со возилото. 

В.Н починала од повредите на самото место. Смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по насоки на јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција.

Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје и биле преземени низа оперативни мерки за пронаоѓање на возачот и возилото.

Како што информира МВР, биле прегледани видеоснимки од околни објекти и било разговарано со сведок, како и со сопствениците на возилото кои во службен разговор изјавиле дека го дале возилото на непознато лице без купопродажен договор.

-Но, по преглед на снимките од „Сејф сити”, констатирано е дека се работи за лажна изјава на сопственичката на возилото Ј.С. од Скопје, која веднаш е приведена во Полициска станица Гази Баба и признала дека нејзиниот сопруг И.С. (46)  го управувал возилото. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти Министертството за внатрешни работи. хс/цр

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан