• недела, 29 декември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - На 04.05.2023 во 16:15 часот во близина на стар мост во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода А.Ш.(42) и Р.С.(25), двајцата од Велес. При преглед кај Р.С. биле пронајдени и одземени хероин,  амфетамин и дигитална вага, додека при преглед кај А.Ш. била пронајдена и одземена марихуана. Подоцна, со наредба од Основен суд Велес, бил извршен и претрес во домот на А.Ш., при што, исто така, била пронајдена и одземена марихуана. Двајцата биле приведени во Полициската станица Велес и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 04.05.2023 во 18:10 часот, полициски службеници од ОВР Кочани го лишиле од слобода Е.Д.(46) од Кочани. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 04.05.2023 во 15:55 часот, полициски службеници од ОВР Виница го лишиле од слобода М.Е.(26) од Виница. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и две дробилки. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 04.05.2023 во 04:30 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи при ЕВР Гази Баба лишиле од слобода малолетник од с.Мралино, општина Илинден. Тој се сомничи дека на 30.04.2023 извршил кривично дело „разбојништво“ во спортска обложувалница во с.Петровец, при што со закана од вработената одзел пари. Во службен раговор во полициска станица, во присуство на родител, тој го признал делото, а биле пронајдени и дел од предметите поврзани со делото. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 04.05.2023 во 18:10 часот кај Прждевски споменик во близина на Демир капија, полициски службеници од Полициската станица за граничен надор Михајлово при Регионалниот центар за гранични работи Југ го лишиле од слобода М.К.(21) од Скопје. При контрола на возилото „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, било констатирано дека табличките кои биле поставени на возилото биле од друго возило. Претходно, во 17:45 часот, на регионалниот пат Неготино – Демир Капија, М.К. не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници, но набргу бил запрен. Возилото било одземено, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.    

На 04.05.2023 околу 22:30 часот во гостиварски Добридол, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода А.Ш.(32) и Т.Ј.(36) затоа што кај нив бил пронајден и одземен кокаин. Двајцата биле задржани во Полициската станица Гостивар и по целосно документирање на случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.

На 04.05.2023 во 19:45 часот,  полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово го лишиле од слобода М.В.(24) од Куманово затоа што кај него била пронајдена марихуана. М.В. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 03.05.2023 во 20:30 часот на Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Ф.(24) од  Велес затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (04.05.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 160 возачи. Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 81 возило ја пречекорило брзината во населено место, а 79 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (04.05.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 126 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 21 санкција, девет мерки за возење без возачка дозвола, три санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила. Изречени се 10 мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас...

На 05.05.2023 во 06:40 часот во СВР Велес, од Железници на Република Северна Македонија било пријавено дека во близина на Градско, возот кој сообраќа на релација Гевгелија-Скопје, удрил во Ф.С.(62) од Градско. Од здобиените повреди Ф.С. починал, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увидна екипа од СВР Велес извршила увид на местото во присуство на јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено за обдукција.

На 04.05.2023 во 23:45 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на магистрален пат Струмица-Ново Село, помеѓу с.Босилово и с.Турново, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „бмв 320“ со струмички регистарски ознаки управувано од В.В.(20) од с.Муртино, струмичко и патничко моторно возило „ауди а4“ со струмички регистарски ознаки управувано од П.Т.(18) од с.Дукатино, струмичко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот В.В. и неговиот сопатник П.В.(20) од с.Муртино, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Струмица.

На 03.05.2023 во 19:00 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистрален пат Охрид-Кичево, во близина на с.Врбјани, охридско, патничко моторно возило „опел астра“ со охридски регистарски ознаки управувано од Д.С.(36) од с.Лабуништа, струшко, излетало од патот. По несреќата во болницата  „Св.Еразмо“ биле пренесени возачот Д.С. и сопатниците А.М.(53) и Н.С.(60), двајцата од с.Лабуништа, каде на Д.С. и А.М. им биле констатирани тешки телесни повреди, а на Н.С. му биле констатирани телесни повреди. За настанот бил известен Јавен обвинител. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Охрид.

На 04.05.2023 околу 13:15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Борис Сарафов“, ул.„Ѓорѓи Казепов“ и ул.„Апостол Петков“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки управувано од С.В.(37) од Скопје и мопед „априлија“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ф.Т.(30) од с. Визбегово, скопско. По несреќата, Ф.Т. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.05.2023 во 17:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Јустинијан Први“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки управувано од Р.А.(54) од с.Студеничани, скопско и патничко моторно возило „дачиа“ со скопски регистарски ознаки управувано од С.Б.(60) од Скопје, при што, по ударот патничкото возило „дачиа“ удрило во Б.С.(70) од Скопје. По несреќата Б.С. бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.05.2023 околу 02:00 часот во Полициската станица Берово било пријавено дека на локалниот пат за с.Двориште, беровско, патничко моторно возило „пежо 206“ со беровски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(58) од с.Двориште, удрило во Ќ.Р.(40) од с.Смиланци, радовишко, по што го напуштило местото на настанот, но подоцна возачот бил пронајден . Во несреќата со тешки телесни повреди  се здобил Ќ.Р., констатирани од лекар во Медицински центар Струмица. За настанот бил запознаен Јавен обвинител, а увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Берово.

На 04.05.2023 во 13:00 часот во Полициската станица Карпош, М.Д.(45) пријавил дека на ул.„Сливовска“ неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 04.05.2023 во 11:30 часот во Полициската станица Гази Баба, Л.А.(57) од Скопје пријавила дека на ул. Методија Андонов Ченто била касната од куче скитник. дма/

Фото:МИА архива

Остани поврзан