• понеделник, 06 април 2026

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Н.С. (22) од с.Речане, гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 29.10.2025 полициски службеници извршиле  претрес во домот и помошни простории на пријавениот, при што била пронајдена и одземена ловна пушка.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Т.С. (43), Д.Р. (34) и В.Р. (37), сите од Берово поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 14.02.2026 пред казино во Берово, пријавените физички го нападнале С.В. од Берово, нанесувајќи му повреди.

На 05/06.04.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.К.(40), К.Т.(31), Т.А.(28), М.Р.(20) и 17-годишник, сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, марихуана и дробилка. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

Вчера во 15:30 часот  во СВР  Битола  Р.А.(37) од Битола пријави дека во градскиот парк во Битола пронашол три артилериски гранати. Од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола гранатите биле безбедно подигнати и утврдено е дека потекнуваат од Првата светска војна.

Вчера во 23:05 часот во Скопје, поточно во близина на касарна Илинден, од страната на Аквадуктот, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.В.Д.Б.(50) и Ј.Л.(63), двајцата од Холандија, по претходна пријава дека неовластено извршиле снимање со дрон, кој им бил одземен заедно со други предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 05.04.2026 во 21:50 часот, во Чашка, полициски службеници од Полициското одделение Чашка, го лишија од слобода И.А.(39) од Велес. При сообраќајна контрола, на регионален пат Чашка-Велес, кај место викано „Долги рид“, било сопрено патничко возило „алфа ромео“ со велешки регистарски ознаки, управувано од И.А. и при преглед кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 05.04.2026 во 18:33 часот во Полициската станица Гевгелија е пријавено дека во Гевгелија, на место викано „Подвозник“, 30- годишен мигрант од Алжир додека се обидувал да се качи во возот кој се движел, паднал и возот поминал преку неговата десна нога. Лицето било пренесено во Медицински центар Гевгелија, каде му се констатирано тешки телесни повреди. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а увид на местото изврши екипа на ОВР Гевгелија.

Вчера во 13:20 часот во Полициската станица Кисела Вода полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Љ.Н.(63) од Скопје, по претходна пријава дека на 03.04.2026 преку социјална мрежа ѝ испраќал вознемирувачки пораки и експлицитни фотографии на 36-годишна жена од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 05.04.2026 во 22:00 часот во СВР Скопје С.Д. (54) од Скопје пријави дека околу 21:00 часот во домот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од Ј.М.(29) од Крива Паланка. Исто така на 06.04.2026 во 01:05 часот во СВР Скопје Ј.М. пријави дека на 05.04.2026 околу 21:00 часот со тврд предмет тој, неговиот брат и негов другар биле физички нападнат од С.Д.(54) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. ра/

Фото: МИА архива

Остани поврзан