• среда, 25 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - Регионалниот центар за Гранични работи Исток поднесе кривична пријава против Ф.Г.П.(74) од Р. Германија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 04.09.2024, пријавениот на Граничниот премин Деве Баир, за излез од државата, приложил фалсификувана косовска возачка дозвола.

СВР Тетово поднесе кривична пријава  против Б.И.(55) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 31.08.2023, на регионалниот пат Тетово-Јажинце, полициски службеници запреле патничко возило „фолксваген венто“ управувано од пријавениот, при што било констатирано дека тој вршел јавен превоз, а притоа не поседувал лиценца.

Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе вчера во 11.30 часот во Свети Николе ги лишиле од слобода Д.В.(32) и А.Ѓ.(32), двајцата од Свети Николе, поради тоа што по извршениот претрес во домот на Д.В., со наредба од Основен Суд Свети Николе биле пронајдени и одземени прашкаста материја, алуминиумски фолии и стаклено луле. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од СВР Струмица вчера во 15.20 часот во Струмица го лишиле од слобода Д.И.(31) од Струмица. При претрес на неговиот дом извршен со судска наредба, била пронајдена зелена растителна материја. Лицето било задржано во Полициската станица Струмица и за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот, против Д.И. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициски службеници од СВР Скопје утрово во 4.00 часот во Скопје го лишиле од слобода Е.К.(23) од Скопје, по претходна пријава дека околу 0.30 часот во семејниот дом на подрачјето на Шуто Оризари, физички ја нападнал својата 22-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје утринава во 2.30 часот било пријавено дека на подрачјето на Драчево, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.А.(45) и З.С.(59) двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје вчера во 20.00 часот 58-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 19.30 часот во домот на подрачјето на Радишани тој, неговата сопруга и ќерка биле физички нападнати од неговиот син Ј.К.(34) од Скопје кој употребил и тврди предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

П.М.(40) од Скопје вчера во 15.00 часот во СВР Скопје пријавил дека завчера околу 15.30 часот во село Сарај-скопско бил физички нападнат од Е.Л.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Љ.С.(32) од Кратово вчера во 22.10 часот во СВР Скопје пријавила дека околу 19.50 часот на подрачјето на Центар со употреба на физичка сила едно лице и одзело чанта со паричник, лични документи и други лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Б.Ч.(21) од Република Турција вчера во 22.05 часот во СВР Скопје пријавила дека во 19.44 часот на подрачјето на Центар, едно лице–таксист, кој управувал  патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки и кој ги превезувал неа и нејзиниот татко Ф.Ч.(47) им побарал 2.500 денари за дестинација која била кратка, по што пријавителката се побунила за износот, но таксистот со употреба на физичка сила од нејзината рака и одзел 2.000 денари, а потоа ги истерал од такси возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против В.П.(67) од село Будинарци, поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 05.08.2024 во Будинарци, беровско, откако пријавениот го забележал детето како со камења фрла кон неговото куче, со тврд предмет го удрил по главата.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против А.А.(39) од село Станци, кривопаланечко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 07.07.2024 во село Станци, ,пријавениот најпрвин му упатувал закани, а потоа физички го нападнал Г.С. (50) од село Горно Коњаре, кумановско, а потоа со тврд предмет го оштетил неговото патничко возило.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Ч.(28) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 22.03.2024 по претходна расправија со А.Р., пријавениот физички го нападнал, при што му нанел тешка телесна повреда. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.И.(18) од тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ во врска со семејно насилство и „телесна повреда“ во врска со семејно насилство. На 27.05.2024 пријавениот со тврд предмет го скршил стаклото на возилото на неговиот 59-годишен татко, а потоа физички го нападнал.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.В.(28)  од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 25.03.2024 во Тетово, поради претходни меѓусебни недоразбирања настанала физичка пресметка во која пријавената со нож замавнала кон С.И., но не ја повредила.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против правно лице и Ј.К., раководител во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. Пријавените, не извршиле замена на неизолираните жици од нисконапонската мрежа во село Ново Село, по што на 24.07.2024, настанал пожар на сува вегетација, кој се проширил на три куќи и три помошни објекти.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.У.(49) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 17.04.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот и други простории на пријавениот, при што бил  пронајден и одземен кокаин.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.Ѓ.(30) и А.М.(24), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 04.03.2024, на влезот во село Дабиле, струмичко, полициски службеници извршиле преглед над патничко возило управувано од Н.Б.(24), а во кое совозач бил И.С.(24) и била пронајдена и одземена марихуана. Во разговор со Н.Б.,  истиот изјавил дека преку мобилна апликација, се јавил на второпријавениот и побарал од истиот да стапи во контакт со првопријавениот и да му договори купопродажба на марихуана, по што пред угостителски објект во Струмица, второпријавениот му договорил средба и купопродажба на марихуана за 1.000 денари од првопријавениот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Д.И.(36) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 10.06.2024,  пријавениот на социјална мрежа на објава на портал, напишал коментар со кој промовирал и поттикнувал омраза и дискриминација кон припадниците на одредена маргинализирана група.вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан