• петок, 22 ноември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Рано утрово во три часот во Кратово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода кратовецот Д.М., на возраст од 39 години.

Тој бил баран по централна потерница, врз основа на наредба од Казнено-поправна установа Затвор „К’шање“ за доиздржување затворска казна од пет месеци, за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 од Кривичниот законик. Д.М. бил спроведен во Казнено-поправна установа Затвор „К’шање“ за доиздржување на казната.

Изутринава во 02:31 часот во СВР Охрид било пријавено дека во 02:25 часот на улицата „Елпида Караманди“ во Струга, опожарено било патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на А.Ш., на возраст од 43 години од селото Делогожда, струшко.

Пожарот бил изгаснат од сопственикот, а повредени лица нема. Увид извршила екипа на ОВР Струга и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против дебарчанецот А.Д., на возраст од 32 години, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.

Тој, на 14 март во угостителски објект во Дебар се заканувал на двајца полициски службеници кои вршеле службени дејствија.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.П., на возраст од 57 години од Вевчани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Тој, во својство на службено лице вработено во Јавното претпријатие „Национални шуми“ - Шумско стопанство „Јабланица“ - Струга“,  на управител на едно трговско друштво му го дал на располагање службениот чекан со кој бил лично задолжен. На тој начин му овозможил нелегално да става жиг на дрва, да ги транспортира без соодветна документација, да ги легализира и да ги пушти во промет, а  со тоа и да се стекне со противправна имотна корист.

Вчера околу 17.30 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во Градската болница со тешки телесни повреди бил донесен Б.И., на возраст од 70 години од село Црнилиште, општина Долнени.

Според пријавеното, додека го поправал тракторот во дворот од семејната куќа, тракторот се придвижил и Б.И. се здобил со тешки телесни повреди. Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Синоќа во 19.40 часот во Пoлициската станица Македонски Брод, од Здравствениот дом било пријавено дека кај нив со повреди од остар предмет била донесена 76-годишна жена, од село од Македонски Брод.

Според пријавеното, таа била повредена од нејзината ќерка. Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 01.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Центар, по претходна вербална расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ф.К.(36) од една страна и А.Е.(49), Е.Е.(44) и А.М.(26) од друга страна, сите од главниот град во државава, при што бил употребен и стаклен предмет.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во 10.45 часот во СВР Скопје денеска, С.М.И., на возраст од 33 години од главниот град во државава, пријавила дека синоќа околу 18.30 часот во трговски центар на подрачјето на Гази Баба, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно женско лице.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 21.13 часот во СВР Скопје, скопјанецот Р.М., на возраст од 37 години, пријавил дека околу 20.10 часот на подрачјето на општина Аеродром, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Д.Б..

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 20.58 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на подрачје на Центар, едно лице со закана кон вработениот одзело пари од дневниот промет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 19.50 часот во СВР Скопје, скопјанката Е.Д., на 35-годишна возраст, пријавила дека малолетник од главниот град извршил обљуба врз нејзината малолетна ќерка.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 19.30 часот во Полициската станица Велес, В.П., на возраст од 50 години, од овој град, пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ бил каснат од куче скитник.

Утрово во 06.25 часот во Полициската станица Велес, С.М., на возраст од 30 години од Кавадарци, пријавил дека на бензинска пумпа на велешката улица „Вардарска“, бил каснат од куче скитник.

Рано изутринава во 01.15 часот во Полициското одделение Чегране, И.Д., на возраст од 28 години од гостиварско Чегране, пријавил дека на локален пат од гостиварско Корито до Чегране бил каснат од куче скитник.

Вчера во 15 часот во Полициската станица Карпош, С.П., на возраст од 25 години од Скопје, пријавила дека на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ била касната од куче скитник.

Синоќа во 19 часот во СВР Куманово, кумановецот С.Т., на возраст од 26 години, пријавил дека на улица „Ѓорче Петров“ во градот бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.К.(20) и С.И.(41), двајцата гостиварци, поради постоење основи на сомнение за сторени 14 кривични дела „тешка кражба“.

Пријавените, во периодот од јануари до февруари 2024 на подрачјето на општина Гостивар, со употреба на сила и погоден предмет, од простории на граѓани и два правни субјекти одзеле повеќе предмети и се стекнале со противправна имотна корист од 310.500 денари.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ф.А.(34), Е.Ш.(30) и Л.А.(31), сите од главниот град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 02.06.2023 на подрачје на Чаир во Скопје, полициски службеници запреле патничко возило во кое биле пријавените, при што тие од возилото фрлиле марихуана, која била пронајдена.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Т.К., на возраст од 40 години од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 13 февруари, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.И., на возраст од 34 години од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана, кокаин и странски валути.

ОВР Крушево поднесе кривична пријава А.А., на возраст од 51 година од овој град поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

На 31 март во Крушево, пријавениот физички нападнал полициски службеници. Тие извршувале службени дејствија и претходно со остар предмет им се заканил на М.С., Е.С. и Р. Р., тројцата од Прилеп и на С.Г. од Крушево.

СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Р., на возраст од 35 години од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“.

На 31 март во Прилеп, пријавениот се обидел со тврд предмет да нападне полициски службеници кои извршувале службени дејствија.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против 34-годишниот М.В. од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување на исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Пријавениот набавил фалсификувана возачка дозвола и ја употребил во Италија.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.С., на возраст од 34 години од Пакистан, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“.

На 25.11.2023 на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, пријавениот приложил фалсификувана кипарска дозвола за престој.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.П., на возраст од 32 години од Република Украина, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“.

На 29 март на Граничен премин „Табановце“, пријавениот на увид приложил фалсификувана украинска возачка дозвола. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан