МБА преку фондацијата „Заедно за едно“ ќе донира средства за семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани
- Од МБА информираат дека целта на основањето на Фондацијата е континуирана помош, а средствата ќе бидат наменети исклучиво за помош и поддршка во рехабилитацијата и медицинските третмани поврзани со последиците од пожарот, поддршка на менталното здравје на настраданите и на нивните семејства, како и поддршка во образованието и професионалната реинтеграција на настраданите.

Скопје, 14 април 2025 (МИА) - Македонската банкарска асоцијација ја основаше фондацијата „ЗАЕДНО ЗА ЕДНО“ за помош и поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во пожарот во Кочани што се случи на 16 март.
Од МБА информираат дека целта на основањето на Фондацијата е континуирана помош, а средствата ќе бидат наменети исклучиво за помош и поддршка во рехабилитацијата и медицинските третмани поврзани со последиците од пожарот, поддршка на менталното здравје на настраданите и на нивните семејства, како и поддршка во образованието и професионалната реинтеграција на настраданите.
- Нема зборови што можат да ја утешат тагата на оние што загубија свој најмил, нема доволно дела што можат да ја ублажат болката. Но, она што можеме да направиме е да помогнеме и да покажеме дека не се сами, и сега и во иднина, вели Маја Стевкова Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација.
Средствата ќе се обезбедуваат преку донирање средства од страна на банките, штедилниците, другите финансиски институции и донатори од редот на нефинансиски правни лица. бак/aa/
Фото: МИА архива