• недела, 22 декември 2024

Маќедонци: Косово ќе продолжи да се опремува со најсовремени оружени системи

Маќедонци: Косово ќе продолжи да се опремува со најсовремени оружени системи

 

Приштина, 26 ноември 2023 (МИА) – Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци вели дека во изминатите три години, откако на власт е актуелната влада на Косово, речиси 3.500 војници на Безбедносните сили на Косово (ФСК) се образовани во странство, што е многу поголема бројка од онаа од времето на минатите влади, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во порака на неговата страница на Фејсбук по повод утрешниот (27 ноември) Ден на силата, како што се именува денот на основањето на ФСК, Маќедонци објави графикон, според кој претходните влади во периодот 2018-2020 година испратиле 818 војници во странство, наспроти 3.459 во периодот 2021-2023, односно откако земјата ја води владата на премиерот Албин Курти.

Косовскиот министер за одбрана порача дека оваа влада ќе продолжи да инвестира во подигање на професионалните капацитети на КБС, како и во снабдување на армијата „со најсовремени системи на оружје“.

- Во пресрет на 27 ноември, Денот на силата, со гордост нагласуваме дека ФСК забрзано се развива во професионална сила според стандардите на НАТО. Во текот на овие три години во странство се обучени и школувани 3.459 воени лица, или за околу 123% повеќе од претходните влади. Ќе продолжиме да инвестираме и во подигање на професионалните капацитети, покрај подигањето на оперативните капацитети, снабдување со најсовремени системи на оружје, бидејќи нашите Безбедносни сили се Сила која ја гарантира безбедноста на граѓаните и одбраната на територијата на нашата татковина Косово, напиша Маќедонци. иа/

Остани поврзан