• недела, 17 ноември 2024

Мајкрософт: Русија, Кина и Иран се во брак со кибер-криминалците за да им наштетат на САД и сојзниците

Мајкрософт: Русија, Кина и Иран се во брак со кибер-криминалците за да им наштетат на САД и сојзниците

Вашингтон, 15 октомври 2024 (МИА) - Русија, Кина и Иран се потпираат на криминални мрежи за да водат кибер-шпионажа и хакерски операции против противници како САД, се наведува во извештај на  Мајкрософт.

Зголемената соработка меѓу авторитарните влади и хакерите криминалци ги загрижи претставниците на националната безбедност и експертите за кибер-безбедност кои велат дека таа ги претставува сè понејасните граници меѓу овие криминалци и активностите насочени од Пекинг или Кремљ.

Целта на овие активности е поткопување на ривалите, додека криминалците се  обично повеќе заинтересирани за финансиска добивка, се наведува во извештајот за дигиталните закани на Мајкрософт.

Во еден пример, аналитичарите на Мајкрософт откриваат дека криминална хакерска група со врски со Иран се инфилтрирала на израелска страница за средби и потоа се обидела да ги продаде или да ги откупи личните информации што ги добила. Мајкрософт заклучи дека хакерите имале два мотиви: да ги посрамотат Израелците и да заработат пари.

Во друг пример, истражителите идентификувале руска криминална мрежа која инфилтрирала повеќе од 50 електронски уреди што ги користела украинската војска во јуни годинава, очигледно барајќи пристап и информации кои би можеле да помогнат во инвазијата на Русија на Украина.

За државите како Русија, Кина, Иран и Северна Кореја, кои имаат свои врски со хакерските групи, здружувањето со кибер-криминалците нуди брак од интерес со придобивки за двете страни, се наведува во извештајот. Владите можат да го зголемат обемот и ефективноста на ваквите активностите без дополнителни трошоци, а на криминалците им се нудат нови патишта за профит и ветување владина заштита.

Мрежите поврзани со Русија, Кина и Иран ги таргетирале и американските гласачи, користејќи лажни веб-страници и сметки на социјалните мрежи за да шират лажни и неточни тврдења за изборите во 2024 година.

Аналитичарите во Мајкрософт се согласуваат со оценката на американските разузнавачи кои велат дека Русија е насочена кон кампањата на потпретседателката Камала Харис, додека Иран работи на спротивставување на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Кина негира дека врши вакви активности, откако портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон изјави за некои американски медиуми дека наводите во извештајт се неосновани и ги обвини САД дека шират свои „дезинформации за таканаречените кинески хакерски закани“. кб/сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан