Мајим Бјалик од „Бубалици“: Би сакала да се вратам како Ејми
- Ѕвездите од хит-серијата „Бубалици“ (The Big Bang Theory) што се емитуваше до 2019 година, Мајим Бјалик и Мелиса Рауч оживеаја еден носталгичен миг во синоќешната епизода на хумористичната ТВ-серија „Ноќен суд“ (Night Court).
Лос Анџелес, 14 јануари 2025 (МИА) - Ѕвездите од хит-серијата „Бубалици“ (The Big Bang Theory) што се емитуваше до 2019 година, Мајим Бјалик и Мелиса Рауч оживеаја еден носталгичен миг во синоќешната епизода на хумористичната ТВ-серија „Ноќен суд“ (Night Court).
Бјалик, можеби попзната како Ејми од „Бубалици“, за „Јаху ентертејнмент“ (Yahoo Entertainment) изјави дека е одлично што повторно „си имала“ работа со Мелиса (Бернадет во „Бубалици“).
- Очигледно, и во годините откако заврши „Бубалици“, го задржавме нашето пријателство и однос. Горда сум на сѐ она на што таа продолжи да работи потоа, па штотуку стана дел од нешто исто толку култно од моето детство - бев голема обожавателка на „Ноќен суд“. Не ми беше дозволено да го гледам затоа што одеше премногу доцна... Така, сложувалката, навистина, некако се совпадна овде, појасни таа.
Во сцената, Бјалик глуми „нестабилна верзија на себеси“, како што самата се пошегува - обвинета во судница на судијката Аби Стоун (Рауч).
- Имаше огромна доза носталгија, додаде Бјалик за новите сцени сработени со Рауч.
Таа вели дека по крајот на „Бубалици“ замислува повторно да се врати како Ејми. Прашана за нејзиниот став за евентуална преработка или продолжение на хумористичната хит-серија, Бјалик е дефинитивно оптимистка, за разлика од нејзиното момче во серијата - Џим Парсонс (Шелдон), кој ја отфрли таа замисла.
- Со сета почит кон Џим, мислам дека има голем интерес и љубов кон овие ликови и би била многу среќна да успеам повторно во таа улога, на кој било начин. Мислам дека сите ние навистина го почитуваме тој бренд и она што можеме да го создадеме. Бев воодушевена што работев со Џим и во „Младиот Шелдон“. Но, ако е до мене, ја разбирам посебноста на сѐ тоа и би сакала можност повторно да ѝ се вратам на Ејми како некогаш, изјави таа.
Бјалик и Парсонс повторно се појавија заедно во последната епизода од претпродолжението „Младиот Шелдон“. си/паг/
Фото: „Ноќен суд“, фотоисечок