• петок, 22 ноември 2024

Мачадо и Урутија добитници на годинешната награда „Сахаров“ 

Мачадо и Урутија добитници на годинешната награда „Сахаров“ 

Брисел, 24 октомври 2024 (МИА) - Лидерката на демократските сили во Венецуела, Марија Корина Мачадо и новоизбраниот венецуелски претседател Едмундо Гонзалес Урутија се добитници на Наградата за слобода на мислата „Сахаров“ за 2024 година, што ја доделува Европскиот парламент. 

Како што нагласи претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, при прогласувањето на лауреатите, Мачадо и Урутија ги претставуваат сите Венецуелци, во и надвор од земјата, кои се борат за „враќање на слободата и демократијата пред лицето на неправдата“. 

- Едмундо и Марија продолжија да се борат за слободна, фер и мирна транзиција на власта и бестрашно ги поддржуваат вредностите што милиони Венецуелци, како и овој Парламент, ги сметаат за многу значајни - правдата, демократијата и владеењето на правото, рече Мецола. 

Таа потенцира дека Европарламентот ги поддржува народот на Венецуела, Мачадо и Урутија во нивната борба за демократската иднина на земјата. 

- Оваа награда е за сите нив. Убедени сме дека демократијата на крајот ќе надвладеа во Венецуела, додаде Мецола. 

Мачадо беше избрана за претседателски кандидат на венецуелската опозициска коалиција Демократската платформа за единство за изборите во јули 2023 година, но беше дисквалификувана од изборната трка од страна на Националниот изборен совет, кој е под контрола од режимот во Венецуела. 

Урутија ја наследи Мачадо како кандидат на Демократска платформа за единство и според опозицијата победи на претседателските избори. Но, Изборниот совет за победник го прогласи актуелниот претседател Николас Мадуро. Во септември властите издадоа налог за апсење на Урутија, по што ја напушти земјата. 

Инаку, во конкуренција за наградата „Сахаров“ беа и палестинските движења „Жените остваруваат мир“ и „Жени на Сонцето“, како и активистот за борба против корупцијата во Азербејџан, д-р Губад Ибадоглу. 

Мецола воедно информира дека има сознанија дека здравствената состојба на Ибадоглу, кој се наоѓа во куќен притвор, сериозно се влошила и апелираше до азербејџанските власта да го ослободат и да му дозволат да го напушти домот.  

Церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“ќе се одржи на 18 декември во Стразбур, за време на пленарната седница на Европарламент. сп/ 

Фото: ЕП 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан