• четврток, 07 ноември 2024

Маројевиќ за МИА: Граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли, парно ќе има

Маројевиќ за МИА: Граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли, парно ќе има

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) - Граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли, парно ќе има. Компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје, порачува помошник директорот за топлина на АД ЕСМ Александра Маројевиќ во интервју за МИА.

Таа агласува дека ЕСМ во изминатиот период во целост го заврши отстранувањето на опожарениот топловод на мостот „Беласица“, а новите топловодни цевки се веќе пренесени на локација и додава дека се во постојана комуникација со Град Скопје, бидејќи мостот е под надлежност на градот.

-Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО, вели Маројевиќ во интервјуто за МИА кое го пренесуваме во целост.

Дали навреме ќе стартува грејната сезона во Скопје и до кога ќе трае?

- Од 15 октомври, започнува грејната сезона 2023/2024 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува ЕСМ.

По правило Снабдувањето со топлинска енергија се врши во периодот од 15 октомври во тековната, до 15 април во наредната календарска година. Снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да почне и пред 15 октомври, и да се врши и по 15 април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври и по 15 април ја донесува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Дали ЕСМ е подготвена за новата грејна сезона и во каква кондиција се топланите и топловодите?

-Компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје.

Производните капацитети во двата системи и дистрибутивните мрежи се спремни за почеток на претстојната грејна сезона. Санирани се сите дефекти на дистрибутивната мрежа кои беа лоцирани во текот на летниот ремонтен период, извршени се ладните проби во дистрибутивниот систем. Завршени се и редовните проверки на потстаниците и на нивната функционалност.

Од вкупно 63 000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции), 61 000 се снабдуваат со топлинска енергија преку новоформираните фирми на ЕСМ за Производство, Дистрибуција и Снабдување, додека 2 000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.

Обезбеден ли е природен гас за функционирањето на топланите или како лани ќе се прави набавка на секои 15 дена?

-Склучен е договор за снабдување со природен гас за топланите Исток и Запад и за подружница Енергетика за месец октомври. Исто така, склучен е договор за набавка на топлинска енергија од когенеративната електрана ТЕ-ТО за месец октомври. Набавките на природен гас се одвиваат на јавен повик кој ЕСМ го објавува на својата веб страница во тековниот месец за следниот период. Количините на природен гас кои ќе се набавуваат ќе зависат од режимот на работа на когенеративната електрана ТЕ – ТО, која испорачува топлина во системот за централно греење.

Очекувате ли да имате некакви проблеми во текот на грејната сезона и до колку степени ќе бидат загреани домовите на скопјани?

-Системот за централно греење со кој управува ЕСМ е подготвен за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона.

Во тек на грејната сезона, испораката на топлинска енергија ќе се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов.

Според овие правилата, на почетокот од грејната сезона во месеците октомври и првата половина на ноември кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот.

Регулативата детално ја дефинира испораката на топлинска енергија во работни денови, викенд и празници, прекините во испораката на топлинска енергија при сончево и при облачно време, прекини на испораката при крајот на денот, како и стартувањето на испорака на топлинска енергија по направените прекини.

Така, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности при точно дефинирани атмосферски услови, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува. По направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува.

Така, на пример, при сончево време кога надворешните дневни температури во 8 и 30 часот наутро ќе достигнат температура над 10 степени работата на котлите се прекинува. По направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури после 15 часот ќе се под 15 степени се започнува со испорака на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува.

Ова е само поединечен пример за да поедноставно да објаснам дека се работи по точно утврдени прописи и параметри. Ваков тип на мерења на надворешните температури се прават секој ден во различни периоди на денот, и согласно утврдените температурни вредности се врши испораката.

Она што е особено важно и сакам да го напоменам е фактот дека со ваквиот начин на испорака на топлинска енергија се обезбедува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење за потрошувачите. Потрошувачката на топлинска енергија во објектот се регистрира на мерилото во топлинската станица. Во периодите кога има испорака на топлинска енергија преку системот за централно греење, таа се регистрира на мерилото, додека во периоди кога нема испорака на топлина (пример кога системот е исклучен на високи надворешни температури или има дефект), на мерилото не се регистрира енергија.

Потрошувачите во периодот август-април добиваат авансни сметки-фактури, а разликата на количината на испорачана топлинска енергија до потрошувачите (што е регистрирана на мерилата во топлинските станици) од прогнозираната во авансните фактури, ќе биде израмнета во сметките што потрошувачите ќе ги добијат во текот на мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување.

Повисоките надворешни температури во одредени денови во однос на очекуваните во текот на грејната сезона, влијаат на намалување на потрошувачката на топлинска енергија кај потрошувачите, а тоа директно влијае и на порамнителните фактури за топлинска енергија. Важно е да се потенцира во текот на целата година, во своите сметки на задната страна добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле, колкава е ангажираната моќност и колкава е разликата помеѓу реалниот и надоместокот кој потрошувачите го авансирале со авансните фактури.

Дали навреме се санирани евентуалните проблеми во потстаниците и дали при санирањето имате разбирање од заедниците на станарите?

-Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.

Токму затоа ЕСМ во изминатите денови неколку пати апелираше до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.

Во моментов во 225 колективни станбени објекти сè уште не се обезбедени потребните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.

Ги повикуваме потрошувачите, пред да пријават дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, да проверат дали нивниот објект се наоѓа во прегледот на моментално затворени објекти кај кои нема услови за испорака на топлинска енергија на линкот Затворени објекти – ЕСМ Снабдување (esm-snabduvanje.mk).

До каде е санацијата на топловодот на мостот Беласица и дали ЕСМ ќе го санира и опожарениот мост?

-ЕСМ е во постојана комуникација со Град Скопје, бидејќи мостот е под надлежност на градот. Во изминатиот период во целост го завршивме отстранувањето на опожарениот топловод на мостот „Беласица“ а новите топловодни цевки се веќе пренесени на локацијата.

Поставувањето на новите цевки и подготовката на мостот за нивна монтажа е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа. Очекувам дека набрзо ќе започнат и активностите на терен и ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок.

Доколку навреме не се санира топловодот дали ќе има проблеми во снабдувањето со топлинска енергија?

-Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО.

Граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли, парно ќе има.

Валентин Јанковски

Фото: АД ЕСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан