• четврток, 21 ноември 2024

Маричиќ: Oчекуваме да добиеме поголем број општини од ВМРО-ДПМНЕ, нема потреба од вонредни парламентарни избори

Маричиќ: Oчекуваме да добиеме поголем број општини од ВМРО-ДПМНЕ, нема потреба од вонредни парламентарни избори
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) - Министерот за правда Бојан Маричиќ вечерва во дебата на „24 анализа“ изрази очекување дека СДСМ ќе освои поголем број општини од ВМРО-ДПМНЕ и смета дека нема потреба од вонредни парламентарни избори. Маричиќ истакна дека да се прекројува волјата на граѓаните од минатите избори, не е така едноставно и возможно. - Оваа приказна ја слушнавме од Мицкоски и од Таравари. Во 2017 година кога ја напуштија власта, ВМРО-ДПМНЕ ги остави општините со огромни долгови, а Владата на СДСМ даде 50 милиони евра на општините да ги покријат долговите. Затоа на овие избори ќе победиме, во најголем број на општини. Очекуваме освојување на поголем број на општини од ВМРО-ДПМНЕ, очекуваме да победиме во градот Скопје и нема никаква потреба од вонредни парламентарни избори, рече Маричиќ. Оцени дека седиштето на ВМРО-ДПМНЕ не е во Скопје, туку е во Будимпешта. - Командите ги добиваат од таму, кандидатите за локални избори ги добиваат од таму и сите насоки за политички постапки ги добиваат од таму, рече Маричиќ. Во контекст на ЕУ-интеграциите, Маричиќ додаде дека земјава има четири последователни позитивни препораки од Европската комисија, за разлика од претходно кога за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ таа препорака беше замрзната. - Во март минатата година добивме одлука за почеток на преговорите потврдена од сите 27 држави, каде и Бугарија ни даде поддршка. Следната фаза е одобрување на преговарачката рамка и прва меѓувладина конференција. Ние сме пред таа фаза, која не се случи поради тоа што Бугарија бара начин како билатералните прашања да ги наметне во таа преговарачка рамка, рече Маричиќ. Додаде дека Владата предводена од СДСМ води одговорна и сериозна политика за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. - Ние водиме одговорна и сериозна политика, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Не ја држиме државата десет години во тунел, ние не го добивме печатот на заробена држава од Европската комисија. Ние не бевме и не сме скарани со сите соседи, рече Маричиќ. Тој додаде дека доколку некој е симбол за неодговорна политика и мисли дека националните интереси се градат со милионски споменици, тогаш тоа е ВМРО-ДПМНЕ. нд/бак/  

Остани поврзан