• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Создадовме услови за слобода на медиумите, Северна Македонија прворангирана од земјите во регионот

Маричиќ: Создадовме услови за слобода на медиумите, Северна Македонија прворангирана од земјите во регионот

Скопје, 3 мај 2024 (МИА) - Создадовме услови за слобода на медиумите и за слобода на изразувањето и тоа дава резултати. Република Северна Македонија е рангирана на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници, што е за две места подобро од 38-то место лани, истакнува вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на „Фејсбук“, на Денот на слободата на медиумите.

- Северна Македонија е на врвот во регионот, а следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ и „заробената држава“ Македонија беше на дното на Индексот на РБГ, кога во 2014 година се најде на 123 место, по слободниот пад во провалија кој започна во 2009 година, кога од 34-тото, дотогаш највисокото место, за 7 години падна за 84 место. Во ерата на ВМРО-ДПМНЕ и „груевизмот“ воспоставен од оваа партија, новинарите беа судени за „нанесената душевна болка” на политичари. За разлика од "Сваровски" судството и судии и обвинители од тефтерчиња коишто ги судеа новинарите, Владата предводена од СДСМ донесе неколку измени и дополнувања на Кривичниот законик кои се однесуваат на пријави за клевета и навреда и за закани кон новинарите, пишува во објавата на социјалната мрежа.

Маричиќ нагласува дека нападите врз новинарите сега се третираат како напад врз службено лице, а Обвинителството постапува по службена должност. Со ова, додава Маричиќ, е исполнето барањето на ЗНМ, чии претставници активно учествуваа во работната група што ги подготвуваше измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се стави крај на праксата за неказнивост на насилствата врз новинарите.

- Ставивме крај на времињата кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичка и институционална одмазда поради професионално извршување на својата работа. За жал, за време на изборната кампања ВМРО повторно си го покажа вистинското лице и почна повторно да апси новинари, а функционерите на ДПМНЕ да тужат медиумски работници. Изборите се можност да не дозволиме да се врати режимот кој тепа новинари и затвора медиуми. Нема откажување од таа борба, подвлекува Маричиќ. бд/бак/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан