• сабота, 23 ноември 2024

Маричиќ: Предлог законот за парнична постапка предвидува намалување на висината на паричната казна за учесниците во постапката

Маричиќ: Предлог законот за парнична постапка предвидува намалување на висината на паричната казна за учесниците во постапката
Скопје, 9 март 2021 (МИА) - Со Предлог законот за парнична постапка се предвидува намалување на висината на паричната казна за учесниците во постапката, што е во согласност со генералната определба на Владата за намалување на санкциите и на казните. Ова подразбира дека странките би имале помалку трошоци во постапката со што се олеснува пристапот до правдата, а граѓаните се охрабрени да започнат судска постапка и правдата да ја бараат на суд, истакна на денешната јавна расправа за парнична постапка, министерот за правда Бојан Маричиќ.
Тој денеска ја отвори јавната расправа по Предлог законот за парнична постапка кој, како што наведе,  има за цел да придонесе кон функционална и ефикасна парничка постапка во нашата земја, согласно со современите текови со кои очекуваме надминување на воочените правни празнини од постојниот закон кој е донесен во 2005 година.
- Тој придонесува за поголема оперативност и создавање на функционална и ефикасна парничка постапка. Воедно се предвидува и дигитализација на постапката и онлајн судење со што се олеснува комуникацијата помеѓу странките во постапката и доведува до заштеда на време и на трошоци.  Дигитализацијата е своевиден проект на кој интензивно работиме и ќе работиме, со овие измени се дава и законска рамка на овој процес низ кој развиените држави веќе поминаа, посочи министерот за правда.
Маричиќ нагласи дека целта е да се искористат модерните информатички технологии за да се овозможи нормален тек на постапките во различни услови, но и да се модернизира работата на судовите каде што компјутерите и дигитализацијата ќе ги минимизираат шансите за човечка грешка.
- Според ова судот може да одреди рочиштето да се одржи на далечина, односно онлајн или пак на тој начин да се изведат определени докази. Огромна новина е можноста која се отвора да се одржуваат јавни расправи по електронски пат, нормално по оценка на судот, а во случај на постоење на опасност од одлагање или кога постојат правни или стварни пречки, посочи министерот.
Маричиќ наведе дека снимката од рочиштето или изведениот доказ претставува записник во електронска форма.
-  Воедно електронската достава на документи е поедноставена. Законот го усогласува поднесокот во електронска форма и податоците и доказната сила на документите во електронска форма со што се поедноставува самата електронска достава.  Ваквите одредби дефинитивно ќе го оневозможат бројните одлагања на јавните расправи на штета на странките и во голема мера ќе се намалат трошоците на постапката повторно во корист на странките, додаде Маричиќ.
Тој истакна дека со Предлог законот е уредено во кои случаи товарот на докажување паѓа на тужителот или на тужениот во постапката, а се проширува надлежноста во доказната постапка со тоа што се пропишува дека судот може да определи увид и без предлог на странката.
- Исто така се пропишува дека судот може да определи вештачење и без предлог на странката, а доколку странката се противи на предложениот вештак истиот се определува по електронски пат со примена на правилото на случаен избор од регистерот на вештаци со цел да се избегне опасноста од субјективен и пристраен избор на вештак, истакна Маричиќ.
Министерот посочи дека новина е што се дефинира временската рамка за водење на постапка при што се зема предвид сложеноста на предметот во однос на правните и фактичките прашања, а рочиштата се определуваат на начин што секое наредно рочиште мора да се закаже најдоцна во рок од 45 дена од денот на претходното рочиште.
- Со Предлог законот се продолжува и рокот во кој судот ја донесува пресудата во посложени предмети така што донесувањето на пресудата може да се одложи до 15 дена од денот на заклучувањето на главната расправа.  Ако во пресудата е одлучено за побарување што тужениот го истакнал со приговор заради пребивање одлуката за постоење или непостоење на ова побарување станува правосилна, наведе Маричиќ.
Тој додаде дека по повод жалба првостепената пресуда може да се укине само еднаш.
Министерот потенцираше дека се проширени условите за примената на ревизијата, односно таа е секогаш дозволена и во спорови за заштита од дискриминација и во спорови за заштита од психичко вознемирување на работно место, односно мобинг.
- За прв пат оние организации кои се занимваат со заштита на колективни интереси и права ќе може да поднесат тужба за заштита на колективни интереси и права против физичко или правно лице кое со вршење на одредена дејност или воопшто со постапување или пропуштање потешко ги повредува или сериозно ги загрозува таквите колективни интереси и права, посочи Маричиќ.
Министерот наведе дека со цел да има што повеќе засегнати страни вклучени во изработката на законот Министерството за правда формирало интердисциплинарна работна група составена од претставници на науката од сите инстанци на судството, стопанството, граѓанскиот сектор, претставници на коморите и државните институции.
- Во септември 2020 година законот беше објавен на ЕНЕР каде пристигнаа 107 коментари, што говори само по себе за интересот кој го предизвика овој предлог закон. Посебно сум горд што работната група посвети детално внимание и изготви материјал со став по секој поединечен коментар кој потоа беше и јавно објавен на веб страницата на Министерството за правда, а се со цел истиот да биде достапен на јавноста и да се сфати целта на предложеното законско решение. Предлог законот е резултат на опсежна јавна расправа, бројните коментари и забелешки кои беа прифатени и вградени во текстот на законот, истакна Маричиќ, посочувајќи дека законот наскоро ќе влезе во владина постапка, по што ќе биде испратен во Собрание. см/дма/

Остани поврзан