• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ: Преговорите со ЕУ ни носат финансиска и макроекономска стабилност

Маричиќ: Преговорите со ЕУ ни носат финансиска и макроекономска стабилност

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Во Брисел денеска продолжува билатералниот скрининг состанок за Поглавјето „Финансиски услуги“, во рамки на Кластерот 2 - „Внатрешен пазар“. На почетокот на состанокот вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, укажа дека процесот на преговори со ЕУ и скринингот, како прва фаза од процесот, води до стабилен, побезбеден и поефикасен финансиски систем.

- Усогласувањето со стандардите на ЕУ во областа на банкарството, осигурувањето, пазарот на капитал и инвестициските услуги ќе обезбеди долгорочна правна и финансиска сигурност, што е во интерес на финансиските институции, потенцијалните инвеститори, но пред сè на граѓаните, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Според денешната скрининг агенда, македонскиот преговарачки тим презентираше за степенот на усогласување и имплементација на законодавство на Унијата во Поглавјето 9 - „Финансиски услуги“, за областите: осигурување, финансиските пазари и хартии од вредност, работењето и надзорот на финансиските институции, антикорупциските мерки во областа финансиски услуги, како и за начинот на соработка на органите надлежни за надзор на финансискиот пазар.

Утре ќе започне билатералниот скрининг за Поглавјето 28 - „Заштита на потрошувачи и јавно здравје“ кој ќе трае два дена, а в петок ќе се одржи билатералниот скрининг состанок за Поглавјето 2 - „Слобода на движење на работници“.

Финансиските услуги се од големо значење за доброто функционирање на внатрешниот пазар на ЕУ како еден од темелите на европската интеграција. Најважната цел на правото на ЕУ во областа на финансиските услуги е обезбедување финансиска стабилност на компаниите кои работат во финансискиот сектор и соодветна заштита на потрошувачите, инвеститорите и осигурениците, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања. нд/сп/

 

Остани поврзан