• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ за „Денови на македонска култура“: Ги славиме културата и уметноста заедно со нашите партнери од ЕУ

Маричиќ за „Денови на македонска култура“: Ги славиме културата и уметноста заедно со нашите партнери од ЕУ

Скопје, 2 септември 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, денеска со свое видеообраќање го отвори четвртото издание на културно - уметничката манифестација, „Денови на македонската култура“, која се одржува во Шибеник.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ рече дека настанот „Денови на македонската култура“ е доказ за македонско-хрватското пријателство и партнерство кое го негуваме со децении и дека е можност преку медиумите на уметноста, литературата, филмот и новинарството, да се надминуваат границите и културните разлики, создавајќи мостови на разбирање кои двата народа ги зближуваат уште повеќе.

-Голема е честа да го прославиме македонското културно наследство, во пресрет одбележувањето на Денот на независноста на Северна Македонија, 8-ми Септември, заеднички со нашите хрватски пријатели. Промовирајќи го богатството на македонската култура, јазик и идентитет надвор од нашата држава, сведочиме за нашиот национален дух, вековно опстојување, но и за нашата посветеност на негувањето и заштитата на нашата културата, традиции и обичаи, посочи Маричиќ.

Тој додаде дека со реализацијата на настанот ги потврдуваме со Хрватска единството, меѓусебното почитување и уважување, креирајќи платформа каде што преку спојот на уметноста и културата се среќава и дипломатијата која отвора можности за нови соработки и врски во други области.

Маричиќ порача и дека Северна Македонија е фокусирана да напредува во преговорите за членство во ЕУ, и дека двете земји кои промовираат европски вредности, се предодредени да ја делат иднината во рамките на ЕУ.

- Нека овие денови исполнети со уметност, дијалог и културна прослава нè водат по патот по кој чекориме заедно како нации, како пријатели и како идни партнери во ЕУ, подвлече Маричиќ.

Од денеска до 5 септември во Шибеник и Зларин ќе се сретнат хрватски и македонски новинари, писатели и уметници по четврти пат, годинава под мотото „Од остров на земја, до остров на море“. Традиционалната манифестација „Денови на македонската култура“ е во организација на граѓанската организација „Хрватска-македонска тангента“, а под покровителство на Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на Шибеник, д-р Жељко Буриќ, стои во соопштението. вг/

Остани поврзан