• четврток, 19 декември 2024

Маричиќ: ЕУ е културна суперсила, а македонската култура учествува и е дел во тој процес со свој придонес

Маричиќ: ЕУ е културна суперсила, а македонската култура учествува и е дел во тој процес со свој придонес

Битола, 6 септември 2023 (МИА) - Европската Унија е културна суперсила, а македонската култура учествува и е дел во тој процес со свој придонес, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на вечерашната средба со битолчани во рамки на кампањата „Ние сме Европа“.

Тој нагласи дека „Ние сме Европа“, горди на нашето наследство, отворени за светот, со силен стремеж за целосна интеграција во Европската Унија со полноправно членство. Тоа за нас, за Македонците, потенцира, и за сите граѓани на нашата татковина, денеска е единствениот начин за да бидеме дел од глобализираниот свет.

- Нашиот народ одамна го ибра вистинскиот сојуз – тоа е Унијата на слободата, на демократија, владеење на правото, човековите права, еднаквоста и достоинството. Тоа е Европската Унија. Веројатно ниту едно друго место во светот нема таква културна „густина“ како Европа. Толку многу историја, толку многу приказни и култури. И македонската приказна како дел од европската, се разбира. И пак, благодарение на основните европски вредности за еднаквост и почитување на другиот, Европската Унија ги чува милениумските традиции на сите народи и заедници на континентот. Од тој аспект, од аспект на оддавање признание, простор и поддршка за секоја културна вредност што проникнала на европското тло, Европската Унија е културна суперсила, а македонската култура учествува и е дел во тој процес со свој придонес, истакна Маричиќ.

Средбата со битолчани е во тек, а обраќања ќе имаат и министерката за  култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменик амбасадорката на Република Чешка, Андреа Штајнер Вотавова. мт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан