• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Довербата во судството може да расте само со конфискација

Маричиќ: Довербата во судството може да расте само со конфискација

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека во моментот кога се носеше Законот за Јавно обвинителство, каков еден од условите во преодните и завршни одредби и во објаснувањето, Владата како предлагач презеде обврска да се отвори прашањето на Кривичниот законик за зголемување на ефикасност на судовите и додефинирање на кривичните дела по примерот на германското законодавство. 

Во емисијата 24 анализа на ТВ 24, Маричиќ вели дека овој закон има за цел да додефинира некои кривични дела, да ги нормализира казните, нивото на казни на европско ниво и да ги засили можностите за проширена конфискација.

- Сакаме таа да се изврши на вистински начин. Не сакаме никого да амнестираме. Се борев случаите на СЈО да имаат судска развршница. Довербата во судството може да расте само со конфискација. Целта е да им се земат парите, додаде Маричиќ.

Говорејќи за законот за амнестија предложен од министерот за правда Кренар Лога, Маричиќ рече дека тој не е поминат на Влада, иако беше пофален од премиерот Ковачевски.

- Денеска имаше седница и не помина таков закон. Целта на тој закон е да се ослободат затворите од оние кои се при крај со казните и оние со помалку од шест месеци. Условите во затворите се многу тешки. Казнената политика треба сериозни да се преработи зошто може да има алтернативни мерки како некој може да ја добие казната, а тоа да не биде затвор. Лога го испраќа законот на мислење кај пратеничките групи за да види дали ќе има амандмани. Тој доби поддршка од премиерот, нема политички проблем за овој закон. Проценката ја прави министерот за правда. Човечка е идејата и мислам дека треба да направиме повеќе услови во затворитем рече Маричиќ.

Во врска со случаите за изборни нерегуларности и „27 април“ вицепремиерот рече дека тоа се многу тешки квалификации.

- Останува на опозицијата ако мисли дека треба нешто да се најде во законот, легитимно е да го отворат и да го стават на маса. Немам информација, ниту мислам дека се преговара за „27 април“ како тешки квалификации, терористички напад на институциите на државата. Ако опозицијата смета дека за тоа треба да се разговара, нека го отворат, ние ќе разговараме. За нас „27 април“ е голема болка, рече Маричиќ.

Според него од 2015 се помалку граѓани се плашат од репресија и закани од ВМРО-ДПМНЕ и дека тие ќе продолжат да бидат опозиција и по наредните избори.

-Преговорите ќе продолжат да течат. На тоа треба да се фокусираат. Зошто не предложија во парламентарната расправа амандмани кои ќе го сменеа Кривичниот законик. Не е целта сега да амнестираме, туку да донесеме стандарди, рече Маричиќ. дма/свс/

Фото: МИА архива

Тагови

Остани поврзан