• недела, 17 ноември 2024

Маричиќ - Вархеји: Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес 

Маричиќ - Вархеји: Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес 

Брисел, 25 октомври 2023 (МИА) - Актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година, беа главни теми на денешната средба во Брисел на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. 

- Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, наведе Маричиќ по средбата. 

Тој во објава на Фејсбук потенцира дека членството на земјава во ЕУ е на дофат и треба да го искористиме позитивниот политички моментум, бидејќи ова е шанса која не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно. 

- Новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија во оваа фаза од процесот на пристапување во ЕУ, ќе ги постави многу повисоко целите и насоките за подобрување на резултатите во сите области, додава Маричиќ во објавата. 

На средбата Маричиќ потенцираше дека за Владата членството во ЕУ останува клучен надворешнополитички приоритет и дека се прават сите напори земјата да остане во процесот на преговори и да напредува со другите држави од регионот.

Инаку, Маричиќ, кој вчера допатува во Брисел за учество на дводневниот Форум „Глобална порта“, што денеска и утре се одржува во организација на Европската комисија, во текот на вчерашниот ден имаше средби и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду. 

На средбата со Маковец е нагласено дека членството во ЕУ мора да остане клучен надворешнополитички приоритет на земјата.  

- Државите од Западен Балкан остануваат во фокусот на европската надворешнополитичка агенда. ЕУ го цени напредокот на Северна Македонија и очекува да продолжи со преговорите со целосна посветеност на реформите, особено на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Целосно сме усогласени со надворешната безбедносна политика на ЕУ, што е потврда за нашата посветеност на европскиот пат, која сега треба да ја валоризираме, наведе Маричиќ во објава на Фејсбук по средбата. 

На разговорот со Морду, пак, е посочено дека политиката на проширување добива ново темпо, а 2030 година како индикативен датум за интеграција на регионот во ЕУ е значаен чекор кој се случува две децении по ветувањето дадено на Самитот во Солун.  

- Повикот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел охрабрува да останеме посветени на европската агенда и со паралелни реформи дома и во ЕУ, поставената цел за идно проширување до 2030 година заеднички да ја направиме достижна и остварлива, објави Маричиќ на неговиот Фејсбук профил, додавајќи дека на средбата станало збор за клучните прашања поврзани со преговарачкиот процес и идните активности на ЕУ.  

Инаку, покрај учеството на Форум „Глобална порта“, како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е Маричиќ да се сретне и со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман. Дополнително, тој треба одржи и брифинг со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА), како и да има работен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Микела Матуела, на кој тема на разговор ќе биде текот на скрининг процесот и подготовката на стратешките документи – Патокази, кои се наша обврска за отворање на Кластерот 1 - „Фундаментални вредности“.  

Како што најави Секретаријат за европски прашања, во фокус на средбите ќе бидат прашања поврзани со европската агенда на Северна Македонија и перспективата на евроинтегративниот процес, со сите тековни и идни предизвици на тој пат. сп/cr

Фото: Фејсбук

Остани поврзан