• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ: ЕУ е и ќе биде најважниот политички и мировен проект

Маричиќ: ЕУ е и ќе биде најважниот политички и мировен проект
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА) – Европската Унија отсекогаш била и ќе биде најважниот политички и мировен проект. Ако тоа не беше случај, воопшто немаше да зборуваме за украинските перспективи, за придружување на сите држави од источното партнерство. Затоа, важно е да се има на ум дека ЕУ е сè уште многу повеќе политички и мировен проект, отколку само економски или проект на заеднички пазар, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на сесијата насловена „Западен Балкан - управување во турбулентни времиња" во рамки на вториот ден од Преспа форумот за дијалог. Тој ја потенцираше важноста на кредибилноста на ЕУ, перспектива за сите земји од регионот, согласно нивниот напредок во внатрешните реформи и додаде дека политиката на проширување е во криза и затоа неопходен е јасен план за проширување за Западниот Балкан. Вицепремиерот Маричиќ, информираат од СЕП, рече дека е потребен  подинамичен процес на пристапување којшто ќе овозможи на општествата и на нашите граѓани поголемо дружење и социјализирање, многу повеќе за да нè подготви за членството. -Слушнавме за идеите за фазно пристапување, нешто кое ќе го направи процесот на пристапување многу подинамичен и покорисен за кандидатите и можеме да прифатиме дека тоа навистина ни е потребно што е можно поскоро, посочи Маричиќ. Панелисти на оваа сесија беа Доника Гервала, МНР на Косово, Алеш Хмелар, ЗМНР на Чешка, Меги Фино, ЗМНР на Албанија, Ангелина Ајхорст, директор за Западен Балкан (ЗБ) во ЕЕАС, Габриел Ескобар, специјален претставник на САД за ЗБ, Стјуарт Пич, специјален претставник на ОК за ЗБ, Мануел Сарацин, специјален претставник на Германија за ЗБ, Јоханес Ајгнер, специјален претставник на Австрија за ЗБ, додека преку видео порака се обратија Пјеро Фасино, претседател на Комисијата за надворешни работи на Италијанскиот парламент, и Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција. Во фокусот на дискусијата беше влијанието на најновите геополитички настани врз интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, политичката волја да се оди над стерилната дихотомија меѓу европската перспектива и кредибилен процес на пристапување на земјите од регионот, потребата за надминување на геостратешка „неодлучност“ на ЕУ, како и додадената вредност која земјите од регионот ја дават на Унијата.вј/хс/

Остани поврзан