• недела, 22 декември 2024

Манифестација „Денови на Благоја Корубин“

Манифестација „Денови на Благоја Корубин“

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков “ - Скопје во оваа јубилејна година (1953 – 2023), по 27. пат ја организира традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“, во чии рамки ќе се одржи Меѓународен научен собир на тема „Од збор до речник“. 

Меѓународниот научен собир ќе се одржи денеска и утре во амфитеатарот на Институтот. 

- Изборот на оваа тема се наметна имајќи ја предвид лексикографската дејност како значајна придобивка во развојот на македонската култура. Речниците се трајни записи на зборовното богатство на еден јазик, огледало на неговата жива природа и на општествените промени. Проучувањето на зборот како основна јазична единица, од сите аспекти, е неминовен процес во создавањето на даден речник. Институтот за македонски јазик од своето основање е лингвистички центар со богата лексичка граѓа (денес дигитализирана) за изработка на лексикографски трудови, информира Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје. 

Работата на Собирот ќе се одвива два дена и во рамки на Програмата планирани се Пленарна сесија и три работни сесии на кои ќе бидат изложени 36 реферати, подготвени од 45 учесници.

Собирот, како што е најавено, ќе го отвори директорката на Институтот, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, по што ќе следува првиот работен дел од Меѓународниот научен собир.

Вториот ден од Собирот, на 5 мај, ќе почне со одбележување на Денот на македонскиот јазик. Свечено обраќање, како што е најавено, ќе има министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Потоа ќе следува прогласување на победниците од распишаниот Конкурс на Институтот за најдобар есеј на две теми, и тоа: „Јазикот наш денешен“ – за ученици од основните и од средните училишта во Републиката, и „Што направивме и што треба да направиме за македонскиот јазик“ – за студенти од високообразовните институции. мд/аа/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан