Малта го презеде претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа
- Приоритети на Малта за време на претседавањето со Комитетот во следните шест месеци се заштита на децата, борба против насилството и дискриминацијата, поддршка на младите и одржување на континуираната поддршка за Украина.

Брисел, 14 мај 2025 (МИА) - Малта денеска од Луксембург го презеде ротирачкото претседавање со Комитетот на министри за надворешни работи на Советот на Европа за периодот мај-ноември 2025.
Приоритети на Малта за време на претседавањето со Комитетот во следните шест месеци, како што соопшти малтешкиот вицепремиер и министер за надворешни работи и туризам Иан Борг, се заштита на децата, борба против насилството и дискриминацијата, поддршка на младите и одржување на континуираната поддршка за Украина.
Примопредавањето на претседавањето се одржи во рамки на денешната годишна сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Луксембург, на која главни теми се улогата на Организацијата како чувар на демократската безбедност во новиот геополитички контекст, поддршката на Украина, активностите за заштита на животната средина, како и соработката меѓу Советот на Европа и Европската Унија.
Покрај ова, Комитетот ќе ја разгледува и работата на Советот во сферата на заштита на човековите права, социјалните права и правата на детето, потоа образованието, демократијата, граѓанското општество, учеството на младите, слободата на изразување, безбедноста на новинарите, борбата против дезинформациите, владеењето на правото, нормите во областа на дигиталната технологија и вештачката интелегенција, миграцијата и трговијата со луѓе, мерките против дискриминација, родовата еднаквост и активностите за борба против насилството врз жените.
На сесијата генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе го презентира својот прв годишен извештај за 2025 година насловен „Кон нов демократски пакт“, кој се совпаѓа со 75-годишнината од Европската конвенција за човекови права. Во својот извештај, Берсе повикува на пренасочување на дејствувањето на Советот на Европа кон демократската безбедност во услови на сегашниот контекст на повеќекратни кризи. сп/
Фото: Совет на Европа