• понеделник, 23 декември 2024

„Малиџано“ – нова премиерна претстава во Битолскиот театар

„Малиџано“ – нова премиерна претстава во Битолскиот театар
Битола, 18 март 2022 (МИА) - Театарската претстава „Малиџано“ е нов проект, пиеса, работена според текст и документарни материјали на Билјана Крајчевска, која премиерно ќе биде изведена на големата сцена на НУ Народен театар-Битола. Според директорот на Битолскиот театар Иван Јерчиќ, претставата „Малиџано“ е доказ дека се негува македонската драматургија и по подолго време се поставува на сцената на театарот во Битола. -Драматургијата произлегува од моментот во кој се наоѓа, меѓу еден профитабилен и корумпирачки свет во кој секојдневно се донесуваат импулсивни сомнителни одлуки. Човештвото, светот денес се наоѓа во здравствена, економска криза и војна, и во таква ситуација деликатно е да се навезе една таква драматургија која што ќе произлегува од лични приказни на актерите. Но, важно е и покрај се што ни се случува, да не се откажуваме и да продолжиме да живееме раскажувајќи ги нашите приказни, истакна драматургот и текстописец на претставата Билјана Крајчевска. Во претставата „Малиџано“, чиј режисер е Софија Ристевска Петрушева, главната улога ја толкува актерката Маја Андоновска Илијевски, а заедно со неа ќе настапат и Никола Пројчевски, Катерина Аневска Дранговска, Соња Ошавкова, Никола Стефанов, Анастазија Христовска, Живко Борисовски и дебитантот на театарската сцена Валентин Дамчевски. -Само високо свесните и високо интелигентните луѓе можат да се шегуваат на своја сметка, а оваа претстава го прави токму тоа. Во претставата говориме за многу работи, но низ призмата на самоиронизирање, низ хумор кој на моменти станува црн хумор. Кога ќе помислиме дека последниве години живееме во едно многу чудно секојдневие, кое не оптовари до тој степен за луѓето да заборават да се смејат, тогаш слободно ќе речам дека ова е претстава која потсетува дека ако ти е лошо-ќе ти помине, ако ти е добро-повторно ќе помине, утре е нов ден, се тече се се менува...но работите кои што понекогаш ни се чини дека се многу едноставни, обични и загаратирани, потсетуваат дека ништо не ни е загарантирано, животот е променет, изјави актерката Андоновска Илијевски. „Малиџано“, како што нагласи, е претстава од која некому во стомакот ќе се произведат киселини, некој ќе се изнасмее, а ние актерите со полна слобода ќе покажеме што знаеме и умееме затоа што нашата одговорност како актери е да ја потврдиме општествената одговорност и да зборуваме гласно за работите за кои други одлучуваат да премолчат. Театарската претстава „Малиџано“ е поддржана од Министерството за култура. мт/мд/

Остани поврзан