• понеделник, 23 декември 2024

Макрон ќе прави реконструкција на француската Влада

Макрон ќе прави реконструкција на француската Влада

Париз, 21 јули 2023 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ги смени министрите за образование и за здравство, како дел од долго очекуваните промени во владата, пренесе ДПА.

Клучните министерства во владата, што ги контролираат финансиите, надворешната политика, одбраната и правосудството, не се зафатени со промените, соопштија од кабинетот на Макрон.

Макрон уште во вторникот изјави дека премиерката Елизабет Борн ќе остане на функцијата, откако се појавија шпекулации за можна смена во врвот на владиниот кабинет.

Владата ја напуштаат министерот за образование, Пап Ндиаје, и министерот за здравство, Франсоа Браун. Пап Ндиаје е универзитетски професор, а Франсоа Браун - лекар во Итната помош, што претпоставува дека двајцата се добро навлезени во состојбите во своите ресори. И двајцата немаат претходна политичка кариера.

Пад Ндиаје ќе биде заменет од 34-годишниот Габриел Атал, досегашен министер за буџерт, кој во текот на 2018 година стана најмладиит министер во фрацуската Влада, со едвај наполнети 29 години.

На чело на Министерството за здравство ќе застане Орелиен Русо, досегашен началник на кабинет на премиерката Борн. Русо ги стекна симпатиите со својата работа околу управувањето со јавното здравје во регионот на Париз за време на пандемијата на Ковид -19.

Францускиот претседател, исто така, одлучи да го обнови Министерството за градските прашања, на чие чело ја поставува Сабрина Агрести-Рубаш, - пратеничка  од северноафриканско потекло, родена во Марсеј.

Градоначалникот на Данкерк, пак, ќе раководи со Министерството на станбена изградба.

Макрон, на кого му претстојат уште речиси четири години од мандатот, е со ослабени позиции поради повеќемесечните немири и неговата упорна  борба за неговиот исклучително непопуларен план за зголемување на старосната граница за пензионирање во Франција за две години, што на крајот тој го протурка во парламентот кон крајот на март по значително висока политичка цена.

Незадоволството од реформата се засили од неодамнешните немири во целата земја по убиството на тинејџер со северноафриканско потекло на полициски контролен пункт во предградие на Париз, потсетува ДПА. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан