Макрон предупредува дека не може да има воено решение во Газа, јорданскиот крал повика на враќање на прекинот на огнот
- Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека обновените израелски напади врз Газа претставуваат драматичен чекор наназад и предупреди дека нема воено решение за палестинската територија.

Париз, 19 март 2025 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека обновените израелски напади врз Газа претставуваат драматичен чекор наназад и предупреди дека нема воено решение за палестинската територија.
- Неопходно е непријателствата веднаш да престанат и преговорите да продолжат со добра волја под американско покровителство, рече францускиот претседател на прес-конференција со јорданскиот крал Абдула Втори, со кого се сретна во Елисејската палата.
- Апелираме за траен прекин на непријателствата и ослободување на сите заложници кои ги држи палестинското исламистичко движење Хамас во Газа, додаде Макрон.
Јорданскиот крал Абдула, исто така, ја осуди „исклучително опасната фаза“ и додаде дека тоа е ново уништување во веќе катастрофалната хуманитарна ситуација. Тој ја повика меѓународната заедница веднаш да дејствува за да обезбеди враќање на примирјето.
Израел, кој е решен да го натера Хамас да прифати ослободување на уште заложници, почна тешки напади врз Газа, најтешки од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, во кои загинаа 413 лица, соопшти Министерството за здравство на Газа. Израелските напади врз Газа продолжија и денеска.
Кралот Абдула, исто така, апелираше за продолжување на меѓународната помош, осудувајќи ја израелската блокада на снабдувањето со вода и електрична енергија, што, како што рече, ги загрозува животите на „екстремно ранливото население“.
Францускиот претседател рече дека продолжувањето на конфликтот е драматично за Палестинците во Газа кои повторно се под теророт на бомбардирањето, драматично е за заложниците и нивните семејства кои живеат во кошмар на чекање, а исто така е драматично за целиот регион кој се обидува да закрепне по една година војна и пореметувања.
Макрон оцени дека Хамас бил поразен и лишен од поддршката што го навела да го изврши злосторството од 7 октомври 2023 година, за време на нападот врз Израел, во алузија на Иран.
- Оската на отпорот денес е илузија, рече Макрон, мислејќи на Техеран и неговите сојузници на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Хамас и либанското движење Хезболах, кои беа значително ослабени од израелските напади.
Францускиот претседател повика повторно да се најде пат до политичко решение и го поддржа планот на арапските лидери за Газа, кој предлага кредибилна рамка за реконструкција, елементи за гарантирање на безбедноста и формирање нова влада која не може да го вклучи Хамас.
Тој потсети дека во јуни ќе копретседава со конференција во Обединетите нации за две држави, израелска и палестинска, заедно со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, со кого исто така треба да разговара вечерва. јт/
Фото: ЕПА