Макрон е длабоко загрижен поради ризиците за нуклеарната безбедност
- Францускиот претседател Емануел Макрон „е исклучително загрижен поради ризикот“ за нуклеарната безбедност како последица на „руската инвазија“ и наскоро се очекува да предложи конкретни мерки
Париз, 4 март 2022 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон „е исклучително загрижен поради ризикот“ за нуклеарната безбедност како последица на „руската инвазија“ и наскоро се очекува да предложи конкретни мерки за обезбедување на пет украински нуклеарни локации, соопшти денеска Елисејската палата.
- Русија и Украина треба да постигнат сигурен договор врз основа на тие предлози, дадени според критериумите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за заедничко обезбедување на тие локации, се додава во соопштението на француското претседателство.
Францускиот претседател „остро го осудува секое нарушување на интегритетот на цивилните нуклеарни постројки на Украина“ од страна на руските сили при извршувањето на нивната воена агресија врз Украина. Неопходно е да се гарантира нивната безбедност, се додава во соопштението.
Наведено е и дека Русија треба да дозволи слободен, редовен и непречен пристап на персоналот кој работи во овие електрани, за да гарантира продолжување на нивната работа во целосна безбедност.
Елисејската палата нагласи дека Русија треба веднаш „да ги запре нелегалните и опасните воени акции и да дозволи целосна контрола на украинските власти врз сите нуклеарни инсталации во меѓународно признатите граници на Украина“. гт/