• сабота, 23 ноември 2024

Макрон: ЕУ и САД да се откажат од пет проценти од вакцините и да ги дадат на Африка

Макрон: ЕУ и САД да се откажат од пет проценти од вакцините и да ги дадат на Африка

Париз, 18 февруари 2021 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика другите европски земји и САД да се откажат од пет проценти од залихите со вакцини против Ковид-19 и да ги насочат кон земјите во развој во Африка, предупредувајќи дека посиромашните земји плаќаат „астрономски цени“ за вакцините произведени на Запад.

Макрон рече дека сегашната, нееднаква распределба на дозите претставува „забрзување на глобалната нееднаквост без преседан“ и предупреди дека некои земји вакцините ги наплаќаат двапати или трипати повеќе отколку земјите од Европската унија.

- Стотици милиони вакцини се дадени на богатите земји, а во сиромашните земји не е ниту почната дистрибуцијата. Тоа е кулминација на глобална нееднаквост без преседан. Неприфатливо е достапноста на вакцините да е условена со местото каде што живеат луѓето, рече Макрон за „Фајненшл тајмс“ пред состанокот на земјите членки на Г7. Макрон додаде дека нерамнотежата е „политички неодржлива“ и предупреди на можноста за „војна на влијание поради вакцините“, истакнувајќи дека Кина и Русија ги нудат своите вакцини на земји што немаат доволно. Тој смета дека одлуките на европските земји и САД за пренасочување мал дел од нивните залихи нема да влијаат на масовната вакцинација во тие земји. „Не зборуваме за милијарди дози или милијарди евра. Треба брзо да дадеме 4-5 проценти од дозите што ги имаме. Тоа нема да ги промени нашите кампањи за вакцинација, истакна Макрон. паг/

Остани поврзан