• среда, 04 февруари 2026

Макрон: Во тек се подготовки за обнова на директните разговори меѓу Европа и Русија

Макрон: Во тек се подготовки за обнова на директните разговори меѓу Европа и Русија

Париз, 3 февруари 2026 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека се во тек подготвителни работи за повторно воспоставување директни разговори меѓу Европа и Русија за војната во Украина, додавајќи дека е важно Европејците да ги обноват своите комуникациски канали, но дека Русија не покажува подготвеност за постигнување мировен договор со тоа што продолжува да ја бомбардира Украина.

„Тоа мора да биде подготвено, затоа се во тек технички разговори за да се овозможи тоа“, рече Макрон како одговор на новинарско прашање за неговиот повик од декември за обновување на преговорите со рускиот претседател Владимир Путин, пишува бриселски Политико.

Макрон, во текот на посетата на земјоделците во департманот Горен Сеон, нагласи дека е важно Европејците да ги обноват своите канали на комуникација со Русија, нагласувајќи дека подготовките се одвиваат на техничко ниво.

Тој додаде дека евентуални разговори со Путин мора да бидат координирани со претседателот на Украина Володимир Зеленски и неговите „клучни европски колеги“, нагласувајќи ја улогата на таканаречената „Коалиција на подготвените“, која ги собира земјите што ја поддржуваат Украина.

Францускиот претседател, сепак, оцени дека со продолжувањето на бомбардирањето на Украина, Русија не покажува подготвеност за постигнување мировен договор. рп/сд/

Фото: ЕПА

Остани поврзан