• недела, 22 декември 2024

Макрон: Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите без одложување

Макрон: Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите без одложување
Париз, 10 јуни 2021 (МИА) - Вашата земја заслужува да ги почне преговорите без одложување, му порача вечерва францускиот претседател Емануел Макрон на премиерот Зоран Заев за време на заедничката изјава пред Елисејската палата во Париз. Како што јави дописникот на МИА, Макрон изрази задоволството што го пречекува премиерот Заев првпат во Париз, со кој потоа имаа работна вечера, на која како што рече шефот на француската држава ќе се разменат мислења за содржајни прашања, како билатералните односи, европската перспектива на Северна Македонија, правната држава, реформите и ситуацијата во регионот на Западен Балкан и улогата која Франција ќе ја игра. Макрон, притоа потсети дека двете земји одржуваат доверливи односи на соработка од независноста на Северна Македонија, потсетувајќи дека Франција придонесе во мировното решение на меѓуетничкиот конфликт во земјата што доведе до Охридскиот договор, од кој годинава ќе одбележиме дваесетгодишнина. - Од тогаш, ќе го кажам тоа со големо признание и воодушевување, патот на Македонија беше извонреден. Денес ве примам како сојузник во Париз неколку дена пред Самитот на НАТО. Со полна поддршка на Франција, вашата земја станата членка на Алијансата, откако стави крај на разликите со Грција. Договорот од Преспа кој вие го изработивте, драг Зоран заедно со Алексис Ципрас заслужува да се нарече  историски. Вие покажавте голема политичка храброст за да успеете и да го убедите вашиот народ. Сакам да потсетам овде дека ништо не беше напишано однапред, вие го изградивте и носевте со Алексис Ципрас и го зацврстивте, нагласи Макрон. Потсетувајќи дека Северна Македонија треба да и се приклучи на Европската Унија, Макрон призна дека Франција се гледаше како на „тежок и строг партнер“. - Но, јас сум чесен партнер, кога се ангажираме на еден пат треба да бидеме јасни за содржината и целта и да не се остави земјата на пат кој изгледа невозможен, додаде француксиот претседател. Осврнувајќи се одлуката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ и на исполнетите услови, францускиот претседател нагласи дека е време за нејзина реализација. - Време е да се конкретизира ова одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите. Вашата земја заслужува да ги почне преговорите со ЕУ без одложување, додаде Макрон.

Премиерот Заев од своја страна му се заблагодари на Макрон, во име на Владата и граѓаните на Северна Македонија за поддршката, посочувајќи дека денешната средба ги збогатува пријателските врски меѓу двете земји, во годината кога одбележуваме 28 години од воспоставените дипломатски односи со Франција. - Посебно место во развојот на македонско-француското пријателство има и претседателот Макрон, со неговата јавна поддршка за Договорот од Преспа. Пред нас е самитот на ЕС во јуни и тој е вистинска можност за чекор напред и решение за отргнување на блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решение, истакна Заев. Премиеирот оцени дека предлозите на португалското претседателство со ЕУ претставуваат добра основа за решение. - Северна Македонија е подготвена за дијалог кој ќе ни донесе прифатливо решение во рамките на Договорот за пријателство со Бугарија. Тоа значи дека прашањето за македонскиот јазик и македонскиот идентитет не треба да се најдат на преговарачката маса, нагласи премиерот Заев.

Во објава на Фејсбук по средбата, Заев наведе дека станува збор за  „историски важна работна посета“ на покана на претседателот Макрон. – Инспириран од една негова изјава пред студентите во Сорбона дека во Европа лежи нашиот идентитет и дека Европа ни дава иднина, силно верувам, дека Франција може да биде мотор на проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан. За нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, со јасно поставени стандарди и без да се губи време, наведе Заев во објавата. Во состав на владината делегација што престојува во Париз, покрај Заев, се и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. тг/сп/

Остани поврзан