• петок, 22 ноември 2024

Македонско-српските односи се на исклучително високо ниво, оцени Ковачевски

Македонско-српските односи се на исклучително високо ниво, оцени Ковачевски
Скопје, 18 мај 2022 (МИА) - Односите меѓу Северна Македонија и Србија се на исклучително високо ниво во сите области, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција со премиерката на Србија Ана Брнабиќ на маргините на Регионалниот самит во организација Македонија 2025. На средбата, која претходеше на присуството на двајцата премиерот на Регионалниот самит, како што истакна Ковачевски станало збор за соработката помеѓу Северна Македонија и Србија, притоа потенцирајќи ги исклучително високото ниво на пријателски односи и соработка на сите нивоа, не само на економски план, туку и во секторот на транспортот и врските, земјоделството и друго. - Среќен сум што денеска имавме средба со премиерката на Србија на која што разговаравме за соработката со Република Србија. Ние имаме односи кои се на исклучително високо ниво во сите области, на само во политичката соработка, економската, но и во сите други вклучително транспортот и врските, земјоделието, внатрешните работи итн., потенцираше Ковачевски. Тој додаде дека за истакнување е и тоа што нашата трговска размена надмина една милијарда евра и тоа дека Северна Македонија го зголеми извозот за 40 проценти, додека Србија кај нас за 25 проценти. - Тоа се должи на исклучително добрите политички односи, меѓутоа и на регионалната соработка особено истакната преку иницијативата Отворен Балкан, рече премиерот. Тоа, според Ковачевски, е практична имплементација на четирите европски слободи за слободно движење на производи, услуги, луѓе и капитал, но не претставува замена за европските интеграции, туку значи чекор за зачленување во ЕУ. На средбата со Брнабиќ, како што информира, станало збор и за одржување трета заедничка владина седница, која би се одржала веднаш по формирањето на новата Влада во Србија и за иницијативата Отворен Балкан и претстојниот самит во Охрид. - Разговаравме за имплементацијата на веќе потпишаните меморандуми особено во делот на унапредувањето уште повеќе на слободното движење и на намалување на нетарифните бариери помеѓу државите, потоа намалување на одредени административни обврски кои во моментов постојат, но и на воведување на единствен дигитален ИД број за граѓаните на сите држави со што би се олеснило вработувањето од една во другите две држави. Тоа практично значи поголем достап на капитал на работна сила за инвеститорите, рече Ковачевски. Србија и Северна Македонија во иднина би можеле да имаат и заеднички настап во делот на туризмот, за што, денеска разговарале Ковачевски и Брнабиќ. Двајцата премиери дискутирале и за заеднички настап пред странските инвеститори како регион, а не како поединечни држави. Посочувајќи на Регионалниот самит Македонија 2025, Ковачевски рече дека тој е еден од најубавите настани во нашата држава бидејќи тој вмрежува лица од академијата, бизнисот, политиката, невладиниот сектор, а се со цел да се унапредат голем број области во државата, но и да се донесе многу значајно искуство од САД и Канада. ев/цр/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан