• вторник, 24 декември 2024

Македонските каратисти со три медали се враќаат од боречката Универзијада

Македонските каратисти со три медали се враќаат од боречката Универзијада
Самсун, 1 октомври 2022 (МИА) - Две сребрени и едно бронзено одличје освоија македонските карате репрезентативци на Светскиот универзитетски куп во боречки спортови, чиј домаќин беше турскиот град Самсун. Во борбите за златниот медал во екипните конкуренции, машката репрезентација во состав Петар Спасеновски, Давид Петков, Димитар Илиевски, Глигор Петков и Петар Заборски, загуби во финалето од Јордан со 3-1, додека каратистките Ангела Мојсовска, Викторија Јовановска, Марија Петровска и Моника Пендаровска беа поразени во финалната борба од Хрватска со 2-0. Бронзен медал во поединечна конкуренција освои Давид Петков во категоријата борби под 67 килограми, совладувајќи го во битката за третото место украинскиот репрезентативец Давид Јановски со 1-0. Забележителен настап на боречката Универзијада забележаа и Ангела Мојсовска (-68 кг.), Викторија Јовановска (-61 кг.) и Марија Петровска (-55 кг.), кои во поединечна конкуренција завршија како петтопласирани во своите тежински категории. Селекторот на македонската универзитетска карате репрезентација Бошко Заборски изрази задоволство од настапот на своите избраници и најави нови успеси во иднина. - Ова е одличен настап на вакво големо натпреварување од сите наши избраници. Оваа селекција веќе е докажана како многу квалитетна, а со малку среќа, можевме да имаме и двоен број медали. Поседуваме квалитет на високо технички подготвени врвни натпреварувачи и сега треба да го чекаме моментот кога секој од нив ќе биде медалист на некое следно првенство, изјави селекторот Заборски. ег/сп/

Остани поврзан