Македонскиот скулптор Никола Смилков на каменот и глината им дава душа
- Емоциите му се главна инспирација, а своите дела, скулптурите ги создава во домашното ателје од неколку квадрати. Во текот на денот му дава душа на каменот, а во текот на ноќта на глината. Де
Штип, 16 октомври 2022 (МИА) - Емоциите му се главна инспирација, а своите дела, скулптурите ги создава во домашното ателје од неколку квадрати. Во текот на денот му дава душа на каменот, а во текот на ноќта на глината. Делата на познатиот македонски скулптор Никола Смилков ги красат галериите во Кина, Египет, Франција и на Балканот.
Публиката се воодушевува, а новинарите и критичарите за него пишуваат со суперлатив, бидејќи она што го создава од камен или глина има емоции, душа. Смета дека на секое парче камен од природата може да му се даде душа, естетски лик.
- Јас го разработувам концептот на човечките емоции. Ние сме во едно турболентно време, време на пандемии, време на меланхолии, на некои кризи, и тоа ми даде така инспирација. Ги немаме сè повеќе оние луѓе со позитивни емоции, туку со негативни. Инспирацијата доаѓа од секојдневното живеење, од секојдневното размислување. Кога се прави една анализа, некој концепт на проект, се користи сè она поранешно искуство и така доаѓаш до едно крајно решение, за кое сметаш дека крајно е добро и да го понудиш на публиката, потенцира Смилков.
За секој скулптор времето за содавање едно дело е реалтивна работа. Според Смилков, важна е посветеноста при создавањето.
- Сè е релативно, зависи од самата форма, од самата идеја. Некогаш кога ќе ја почнам, ќе ја завршам како концепт, како скица за недела - две, некогаш ќе почнам со едно решение, но да се вратам од почеток. Така што времето не можам да го дефинирам за една скулптура, колку јас лично ја реализирам, бидејќи самата форма бара внесување, посветеност, а некогаш може и со месеци да стои една скулптура и која, ете, крајното решение не го чувствувам дека треба да биде како завршно. Не е мерливо времето, туку посветеноста. Така можам да го дефинирам, вели Смилков.
Во разговор за МИА во прес-центарот во Штип, Смилков забележува дека интересот на публиката за скулптурите е голем, но, како што вели, сè зависи од тоа што претставуваш. Посочува дека публиката има свој префинет вкус во однос на уметноста.
- Како ќе се претставите, таква публика и ќе добиете, и не можам да кажам дека публиката нема интерес. Има доста интерес, но треба максимално да се посветиме на она што го претставуваме и го изработуваме и да ѝ го понудиме на јавноста, потенцира Смилков.
Годината што изминува за скулпторот Смилков, кој воедно е и универзитетски професот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, како и на Факултетот во Ниш, соседна Србија, беше активна и со неколку впечатливи изложби, во Тамјаница во Република Србија, потоа на биеналето за уметност во Пловид во Република Бугарија, а самостојни изложби оваа лето имаше во Будва во Република Црна Гора, како и во галеријата Мештровиќ во Сплит во Република Хрватска.
Неговата скулптура се најде и на Олимпијадата во Кина. За македонската јавност впечатлива беше изложбата на скулптурите во поле со лаванада во Тамјаница, Ниш.
- Во Тамјаница на симпозиумот за скулптура учествував пред неколку години, но ова што го направивме моите дела да се изложат во полињата со лаванда е првпат мое претставување. Претходно имаше еден мој колега од Хрватска, кој исто така се претстави. Ова стана традиционално необично претставување на уметничките дела, што за мене беше првпат да видам како делата ќе се вклопат и ќе дојде нивниот израз во таа ливада, тој отворен простор, бидејќи сите сме навиканти да се изложуваат во еден затворен простор. Но, прекрасно се случи и прекрасно беше. Изложбата беше доста посетена и медиумски беше доста покриена, над 20 медиумски куќи од Србија беа дојдени. Самите скулптури беа некако, се најдоа во тој простор и се имаше впечаток како таму и да се реализирани. Презадоволен сум од таа изложба и од самата организација и од самиот амбиент во кој беа претставени моите дела, вели за МИА Смилков.
Годината ќе ја заокружи со изложба во Скопје, а веќе има и понуди за Словенија и Италија.
Вандализмот и негрижата на институциите ги уништуваат делата на македонските скулптори
Обезглавена е главата на бистата на народниот херој Васил Доганџиски, оштетени се голем дел од бистите и спомениците низ парковите во градот Штип. Но, ваквата слика не е само во овој град, речиси е идентична во сите поголеми градови во земјава. Низ годините се на удар на вандалски чинови, но и негрижа на институциите. Токму бистите и делата на македонските скулптори се дел од нашето секојдневие, ги красат парковите, алеите на хероите и сведочат за жртвите и идеалите на македонските револуционери и херои.
Смилков за МИА вели дека конкретно градот Штип може да се пофали со скулпторски решенија од времето, како што вели, на социјализмот, кога максимално се посветувало внимание на скулптурата и уметноста.
- Еве сега имаме неколку поставени спомен-обележја, но, за жал, публиката сè уште го нема изградено тој однос кон скулптурата, кон таа уметност, и не можат да сфатат дека тоа е уникат, со едно уништување на такво дело, едноставно не може да се најде такво друго. Во таа транзиција имавме уништување на спомен-обележјата во целата држава, за жал, и нашиот град не беше изоставен, подвлекува Смилков.
Неколкупати реагирал до претходните градоначалници за поставеноста на спомен-обележјата и бистите низ Штип.
- Еве буквално натстрешницата на кафе-бар е поставена врз релјефот на жртвите од бомбадрирањето. Тоа е едно спомен-обележје, кое го одбележува нашиот град, не можеме да кажеме дека кафе-барот го одбележува нашиот град. Кога доаѓаат туристи верувајте дека повеќе ги интересираат нашата култура, историја, спомен-обележја, отколку локалите. Тоа со години се провлекува и никако да се најде решение за дислокација да речеме на таа тенда. Имаме уништени бисти, за кои премногу е скапо да се направат нови. Исто така споменикот кај село Долани е во една таква лоша ситуација и буквално можам да кажам дека е пред распаѓање, а тоа е со една огромна непроценлива вредност, рече Смилков.
Побарал решенија од страна на актуелниот градоначалник Иван Јорданов, за кој вели дека изразил поддршка за решавање на хаосот со поставеноста и уништените бисти низ градот Штип. Но, Смилков смета дека и граѓаните треба да бидат одговорни кон спомен-облежјата и да ги чуваат како лични уметнички дела.
Прашан колку чини една реставрација на биста, спомен-обележје, Смилков одговори дека за да се почне една таква постапка, треба прво лиценциран реставратор, конзерватор, кој ќе утврди во каква состојба се, колкав е процентот на оштетеноста и на крајот да се направи проект.
- Верувајте дека сега е полесно да се санираат отколку кога максимално ќе се уништат. Имаме склуптура пред Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“, која е обезглавена, портретот го нема, и тоа веќе не може да се конзервира, реставрира. Таа е веќе 100 отсто уништена. Една таква скулптура, да не згрешам со цените, бидејќи на пазарот се менуваат цените и секој автор си има своја авторска цена, значи зборуваме за над 7.000 или 8.000 евра. Тоа е можеби миналната за која би се изработила. Оваа цена не ја кажувам некако како мерило, туку како големината на едно уметничко дело, колку тоа е важно, скапо и неповторливо, а да не зборуваме за авторите. Конкретно авторот веќе ни е ни жив и не можеме да побараме повторно да го изработи, вели Смилков.
Уништени се околу десет бисти низ градот Штип, а според Смилков, најголемата грешка била направена кога сите биле поставени во паркот К’ртеќе. Тој тогаш се спротивставил на тоа да бидат поставени на оваа локација, но подвлекува, не било земено предвид стручното мислење. Смета дека добро е што пред неколку години се вратени во градот Штип и се поставени на видни места, кои се осветлени, а скулптурата треба да биде дел од секојдневието на граѓаните. Порача дека државата треба да им помогне и на младите кои излегуваат од академиите, за да бидат самостојни и да творат.
Викторија Димитрова-Јованова